Иако локалната самоуправа минатите години потрошила пари како за водоснабдување на Росоман, така и за населените места, сепак проблемот со водоснабдувањето останува, бидејќи во речиси сите помали места има проблеми со водоснабдувањето.
Вака вели росоманскиот градоначалник Бранко Јанев, појаснувајќи дека на едни места има проблем со апарати за дозирање хлор. На други, со квалитет или недоволни количини на вода, на трети недостигаат и едното и другото.
– Ние во таа смисла веќе имаме подготвено два проекта. Едниот е „Миланова чешма” за селото Манастирец. А другиот е за Крушевица, каде има многу стар систем за водоснабдување со проблеми во функционирањето и неквалитетна вода, па планираме реконструкција, информираше Јанев.
Советот на општина Росоман на последната седница донесе одлука за одобрување на финансиски средства од буџетот, за доведување на вода од сопствен извор во селото Сирково.