Триесет фирми поврзани со медиуми се на листата за исплати од Општина Охрид од 2005 година до почетокот на август, годинава, а истовремено ги има и на листата за плаќање од јавното претпријатие „Проаква“. Иако за време на целиот период сметката на Општината е блокирана поради долгови, градоначалниците Александар Петрески, Никола Бакрачески и Јован Стојаноски, за медиумски услуги на локалните медиуми им исплатиле над 26 милиони денари или околу 423.000 евра. Сумата народни пари кои се делеле на медиуми значително ја зголемуваат јавните претпријатија кои по пример на градоначалниците, плаќале за да ги има во медиумите. Општината и јавните претпријатија делеле пари и во ек на најголемата борба против јавни пари во медиумите што неколку години ја води Здружението на новинари на Македонија.
„Макфакс“ ја доби листата медиуми кои ги плаќала Општината. Покрај „ТВМ“, телевизијата која добила речиси половина од парите одвоени за медиумите односно 12,7 милиони денари или околу 206 илјади евра, на листата се и „Нимо 07“ кои добиле 1,8 милион денари, „Радио Охрид“ со 1,5 милион денари, „Мегастар“ со 1,3 милиони денари, „НТВ“ добиле 1,2 милион денари, „ЛТ Трејд“ кои добиле 1,1 милион денари, „МХ Радио“ со 918. 677 денари, „Наша ТВ“ добила 793.411 денари, „О2 ТВ“ добила 750.467 денари, „Супер Радио“ е на листата со 666.620 денари, „Охрид 24“ добил 510.000 денари, „Пржин продукција“ добила 487.135 денари, „Денес груп“ добиле 447.000 денари, „СОС Балкан Медиа“ добиле 319.024 денари, „МХ Бокс“ се на листата со 210.400 денари, „Москито“ добил 139.400 денари, „Лав продукција“ добила 135.840 денари, „Лав радио“ добило 123.060 денари, „Охриднет“ добил 99.750 денари, „Мулти Медија“ добиле 80.000 денари, „Вебвил студио“ добиле 72.000 денари, „Нимо-охридњус“ 70.800 денари, „ТВ Радио Морис“ добиле 68.000 денари, „Охриднет.ком“ добиле 60.000 денари, „Мадоан“ добиле 50.000 денари, за „Марстег“ Охрид одвоил 36.000 денари, „ТВ Морис“ добиле 28.000 денари, „Плус продукција“ добила 24.434 денари, „Флеш Плус“ добиле 24.000 денари и на дното на листата со 11.000 денари е порталот „Охрид 1“.
Од листата на исплати што ни ја испрати Општина Охрид се гледа дека пари биле префрлани на лица кои истовремено биле сопственици на повеќе медиуми, а добивле пари сите медиуми што ги поседуват. Има случаи кога во ист месец пари биле исплаќани и на име на фирмите под кои се регистрирани медиумите, но и на име на самите медиуми, па прикажано е дека некои сопственици во еден месец добивале и по три исплати од Општината.
Од месечните извештаи за исплатите, пак, се гледа дека Општината префрлала пари на медиумите и за време на избори кога се забранети такви исплати се до официјалното завршување на изборите. Управата за финансика полиција по објавите на „Макфакс“ за трошењето од сметката на Општина Охрид најави отворање предмет по допрен глас за да ги истражи плаќањата и финансиското работење, но и работењето во другите сектори.
Дел од сопствениците на охридските медиуми јавни пари покрај од Општината, добивале и од јавните претпријатија. Најажурни во одговарање на барањето од „Макфакс“ за исплатите во медиумите беа од „Проаква“, меѓуопштинско претпријатие за снабдување со вода за пиење, одведување и пречистување на отпадни и атмосферски води на општините Охрид и Струга и заштита на Охридското Езеро.
Од претпријатието известија дека од 2011 година до 2017 година на медиумите им биле исплатени 1.324.090 денари или околу 21,5 илјади евра.
„Проаква“ исто како и Општина Охрид, најмногу пари префрлило на сметката на ТВМ. За објава на огласи и соопштенија и за гостувања во живо во 2011 и 2012 година претпријатието платило 583.090 денари, а веднаш зад нив е порталот „Охрид 1“ со исплатени 220.000 денари.
Од „Проаква“ 155.000 денари добил „Вебохрид“, „Скандал.мк“ добил 150.000 денари, за „Охридскај“ претпријатието одвоило 131.000 денари и најмалку пари од „Проаква“ биле одвоени за „Охрид24“ кои за објавите добиле 85.000 денари.
Последната исплата на медиуми од „Проаква“ била лани во јули. Тогаш претпријатието ја прекинало соработката со медиумите.
Директорот Владимир Алексијовски за „Макфакс“ изјави дека не склучил договор со ниту еден медиум оти откако е дојден на функцијата не видел потреба од такво нешто.
„Ние сме основани од локалната самоуправа и од таму решаваат дали има потреба да ги има во медиумите јавните претпријатија“, вели директорот Алексијовски.
Тој објасни дека „Проаква“ има огромен долг за струја и дека работи со загуба.
„Долгот за струја на ‘Проаква’ изнесува 5 милиони евра. Годинава успеавме да платиме 4 милиони денари од долгот за струја. Претпријатието во последниот шестмесечен извештај за работењето бележи загуба од милион и деветстотини илјади денари. Загубата е драстично намалена ако се спореди со 2017 година, кога претпријатието работело со загуба од 17,5 милиони денари“, вели за „Макфакс“ директорот Алексијовски.
Тој не сака да заборува за исплатите во медиумите што ги правеле неговите претходници и покрај загубите и долговите и вели дека за тоа се надлежни други служби.
Маја Илиевска – Пачемска