За десетина дена треба да завршат градежните активности во подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ во населеното место Седларци финансирани преку проектот „Заштита на животната средина во прекуграничниот регион Василево-Струмјани за подобрување на енергетската ефикасност.
Ова денеска по посетата на објектот, го најави градоначалниот на општина Василево, Ванчо Стојанов.
– Деновиве активно работиме на целосна реконструкција на објектот, промена на кровната конструкција, термофасада со изолација, систем на топловодно греење и поставување фотоволтаични системи. Тоа ќе значи дека училиштето ќе биде не само енергетски ефикасно туку и независно. Самото ќе произведува струја за своите потреби, а во лето, енергијата ќе биде насочена за осветлување на игралиштето во училишниот двор, рече Стојанов.
Директорката на ООУ „Гоце Делчев“ од Василево, Емилија Котева, вели дека се подготвени за почетокот на учебната година.
– Конкретно во овој објект на подрачното училиште во Седларци учат 16 деца. На ниво на нашето школо, но и на ниво на општина се е подготвено за почетокот на новата учебна 2017/2018 година. Очекуваме учениците в понеделник да дојдат и да седнат во школските клупи, рече Котева.
Од месната заедница од Седларци велат дека успеале заедно со локалните валсти да реализираат повеќе проекти.
– Во еден краток период успеавме да го асфалтираме главниот пат, направивме повеќенаменско игралиште, асфалтиравме уште една улица, а сега со реновирањето на училиштето, нашите деца ќе учат во современи услови, рече Тони Лазаров, член на Месна заедница Седларци.
Градоначалникот Стојанов, рече дека со завршувањето на овој објект се заокружува процесот на модернизација на училиштата во општина Василево.
Средствата за овој проект во висина од 2.600.000 денари се обезбедени од Програмата за прекугранична соработка меѓу Бугарија и Македонија 2014–2020.