Националниот парк Шар Планина соопшти дека при вршење теренска контрола заедно со полиција, вчера спречиле четири лица државјани на Република Косово да се движат со крос-мотоцикли по високопланинските пасишта на територија во парковската зона на строга заштита.
Од НП Шар Планина потсетуваат дека движењето на моторни возила во зоната на строгата заштита е строго забрането и казниво по закон поради деградацијата на почвата и вознемирувањето на заштитените диви животински видови.
-Зоната на строга заштита претставува дел со највисок интерес за заштита, што се карактеризира со изворни, неизменети карактеристики на екосистемите или има сосема мали промени како резултат на традиционални управувачки практики. Зоната за строга заштита е составена од 5 посебни единици, ги опфаќа највисоките делови на Шар Планина кои се граничат со Република Косово т.е. Националниот парк Шара во Косово. Во оваа зона се наоѓаат најзначајните екосистеми и живеалишта: глацијални езера, тресетишта, високопланински пасишта, алпски камењари, вриштини со боровинки, смреки и Empetrum, најзначајните шумски екосистеми; како и значајните предели и најголем дел од значајните видови, особено од васкуларните растенија, дијатомеите, дневните пеперутки итн., се вели во соопштението на Национален парк Шар Планина.
Четворицата се задржани во полициска станица и за нелегално преминување на државна граница.
– Вчеравечер (10 септември) околу 23 часот и 10 минути во СВР Тетово биле задржани Е.Е.(25), Д.Д.(33), С.Ќ.(48) и Х.З.(41), сите од Република Косово, а поради сомнение дека илегално влегле во нашата земја. Се расчистува и документира случајот, соопшти СВР Тетово.
Од Националниот парк потсетуваат дека патиштата на кои е воспоставен режим на движење се претставени на карта, која е подготвена во согласност со Планот за управување со Националниот парк и Законот за заштита на природата, соопштија од Националниот парк. Картата на која се прикажани патиштата по кои е дозволено движење на моторни возила е поставена на информативните табли во паркот.