Основниот кривичен суд Скопје му одреди мерка притвор во траење од осум дена на 44-годишен жител на Скопје, осомничен дека подметна пожар на две дипломатски возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија.
Мерката е определена по предлог на надлежен јавен обвинител, кој против осомничениот води истрага за кривичното дело „предизвикување општа опасност“.
Според информациите од Обвинителството, инцидентот се случи завчера на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Осомничениот претходно купи бензинот од бензинска станица во близина, го стави во пластично шише, а потоа се упати кон паркираните дипломатски возила. Откако ги полеа со запаливата течност, ги запали и веднаш се оддалечи од местото.
Настанот е регистриран од безбедносни камери, што помогна во идентификацијата на осомничениот.
Надлежните органи оцениле дека постои опасност од повторување на делото и потреба од непречено водење на постапката, поради што е побарана мерката притвор.
Од Обвинителството посочуваат дека делото е извршено на фреквентна локација во центарот на градот и во период од денот кога на местото имало голем број пешаци и возила, што дополнително ја зголемило опасноста за безбедноста на граѓаните и имотот.
Инцидентот предизвика реакции и во земјата и во странство. Владата го осуди палењето на дипломатските возила, оценувајќи го како недозволив чин што ги нарушува безбедноста и добрососедските односи, а надлежните институции најавија целосно расчистување на случајот.
Реакција пристигна и од официјална Софија, од каде што беше побарана брза и ефикасна истрага и соодветна одговорност за сторителот.
