Штипската Клиничка болница доби нов современ мамограф, а е еден од шестте центри во земјава кои добија ваков апарат за прегледи на дојката, набавени од Министерството за здравство.
Началникот на Одделението за ренгенологија при Клиничка болница-Штип, Нада Алексова вели дека новиот апарат е дигитален, а пациентите кои подолго чекаат на прегледи на дојките на овој апарат ќе бидат дополнително известени, кога ќе се стави во функција.
– Новиот современ апарат го добивме и сега правиме адаптација на просторија на одделението, каде што ќе се вршат прегледите на пациентите, изјави Алексова.
Директорката на Клиничка болница-Штип, Елизабета Папарова вели дека за една недела ќе заврши адаптацијата на просторијата во рамки на одделот за ренген дијагностика, каде што во една зграда се сместени компјутерскиот томограф, магнетната резонанца и останатите апарати на ова одделение.
– Како Клиничка болница испративме и двајца лекари специјалисти на обука, кои ќе се обучат да работат на овој современ дигитален апарат. Адаптацијата на просторијата оди брзо и верувам дека за една недела веќе ќе почнат и прегледите на пациентите од Штип и останатите градови во регионот, рече Папарова.
Од наредната недела пациентите од Штип, Пробиштип и останатите помали рурални општини ќе можат прегледите да ги вршат на новиот апарат во штипската Клиничка болница.