Природонаучниот музеј на Македонија денеска одбележа 90 години од своето постоење. Поседува над 300 експонати кои досега се изложувани на над 70 тематски изложби.
На свеченоста по повод 90-годишнината вечерва министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека постојат бројни причини зошто Македонија од секогаш била во центарот на вниманието на истражувачите од целиот свет кои биле импресионирани од местоположбата на нашата земја.
– Токму богатствата на нашата земја биле предизвик и за основоположникот на оваа институција д-р Станко Караман кој целиот свој живот својата научно истражувачка и колекционерска работа својата љубов и посветеност ја посветил на македонското природно богатство, истакна Канческа-Милевска.
Нагласи дека денеска Природонаучниот музеј поседува три вредни збирки со над 300 илјади експонати од минерали и карпи, фосили, растенија, инсекти, риби, птици, влекачи, цицачи кои се дел од богатиот биодиверизитет на територијата на нашата земја и потсети дека токму овие богатства досега се изложувани во повеќе од 70 тематски изложби.
Според Канческа Милевска значајна активност на Природонаучниот музеј е и едукацијата на млади генерации кои во оваа институција која е дел од образовниот процес е посетена од повеќе од 6.000 ученици од основните и средните училишта.
Еден од приоритетите во програмата на Владата, како што рече министерката, е и заштитата на нашето природно богатство, неговата презентација на национално ниво и во меѓународни рамки, но и претставувањето на богатствата на другите земји.
– Во оваа насока во изминатиот период реализиравме низа проекти кои генерално го унапредија развојот на музејската дејност во нашата држава, како и работата на националните установи од оваа сфера, истакна Канческа-Милевска.
Таа информира дека како Министерство поддржале многу активности на Музејот и дека во рамките на јубилејот издвоени се средства за реконструкција на фасадата за постојани поставки и на амфитеатарот.
Директорот на Природно-научниот музеј потсети дека историјата на овој музеј датира уште на почетокот од минатиот век кога за време на Првата светска војна во Германија била формирана специјална комисија од истакнати истражувачи кои за време на своето воено ангажирање во Македонија имале за задача да собираат најразлични материјали од гејата, флората и фауната.
– Подоцна таквите материјали биле систематизирани и објавени во Монографијата „Македонија во 1921 година“. По излегувањето на оваа книга за Македонија интересот за природното богатство на Македонија нагло се зголемил. Овие податоци ги осознал и младиот вљубеник во природата Станко Караман кој доаѓа во Македонија во 1922 година, истакна Зараков.
За време на својот престој во Македонија, Караман интензивно колекционирал и собирал материјали од најразлични фаунистички групи.
– Иако целосно бил окупиран со колекционерксата научно- истражувачка работа тој постојано размислувал за една своја идеја да формира геолошки музеј. Предал иницијатива која успеал да ја реализира во 1926 година кога започнала да функционира еден нов зоолошки музеј од кој произлезе нашиот познат и признат Природнонаучен музеј на Македонија, рече Зараков.
Нагласи дека во 2004 година Природонаучниот музеј на Македонија се стекнува со статус национална установа со што, како што рече, се потврди значајноста на неговата улога во современата македонска култура.
Во рамките на одбележувањето на јубилејот во Музејот беше отворена изложба посветена на светски познатиот научен работник и основоположникот на Природонаучниот музеј на Македонија, Станко Караман, а беа доделени и бројни пофалници и благодарници за луѓе и институции кои несебично помагале во работата на Природнонаучниот музеј.