Локалната самоуправа на Прилеп и Домот за стари и изнемоштени лица „Киро Крстески-Платник“ го потпишаа договорот за проектот за домашна нега и помош на стари лица насловен „Супер Марио“.
Според градоначалникот Марјан Ристески ова е уникатен проект во Македонија за помош на старите и изнемоштени лица.
– Во рамките на проектот „Супер Марио“ локалната самоуправа ангажира 15 волонтери кои им помагаат на старите лица во домашни услови. Проектот се спроведува секоја година, а ова е трет пат. Годишно, за „Супер Марио“ локалната самоуправа од буџетот издвојува околу 1.200.000 денари за ангажирање на волонтерите кои три пати неделно ќе ги посетуваат дома старите и изнемоштени лица и ќе им помагаат во секојдневните обврски и потреби и во негата, изјави Ристески.
Домот за стари и изнемоштени лица „Киро Крстески-Платник“ секогаш е на располагање да им помогне на старите лица.
– Секогаш сме подготвени да им помагаме на старите и изнемоштени лица. И на оние во домашни услови им е потребна негата за кои е наменет проекот. Инаку, капацитетот на домот е за 150 лица, а досега има 130 корисници, вели директорот на домот за стари лица Ирена Стерјовска Локвенец.
Со помош и нега три пати неделно во домашни услови се опфатени над 100 стари и изнемоштени лица. Новиот проектот ќе почне од 1 декември и ќе трае до 30 ноември 2016 година. Од општината истакнуваат дека ќе настојуваат во иднина да го прошират проектот и да опфатат уште повеќе стари лица.