По повод 17 Март, Денот на крводарителството, градоначалникот на општина Крива Паланка Арсенчо Алексовски приреди свечен прием за крводарителите од општината. На приемот Општинската организација на Црвен Крст додели благодарнции и значки за повеќекратни јубилејни крводарувања.
-Со дарувањето крв не се дарува само скапоцената течност, туку и дел од себе, а Паланчани се несебични на ова поле. Посебна чест и гордост е да се знае дека Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка е меѓу неколкуте во државата кои редовно го натфрлаат Годишниот план за крводарувања, на што им честитам во оваа прилика, рече градоначалникот Алексовски во обраќањето.
Претседателот на ОО Црвен крст Крива Паланка Жаклина Цветковска рече дека и лани со речиси 45 отсто е натфрлен Годишниот план за крводарувања, а неколку години по ред се достигати и над 1.000 крводарувања во текот на една календарска година.
-Црвен крст Крива Паланка како дел од големата организација на хуманоста има за цел да им помогне на сите ранливи категории лица, а од големата листа членови волонтери и поддржувачи особено место заземаат доброволните дарители. Крводарителот не е само човек кој дарува само крв, тој дарува умешност, енргија, здравје, дел од слободното време и, што е најважно, дава сигурност дека секогаш е тука да помогне кога е потребно, рече Цветковска.
На сите крводарители со остварени 5, 10, 25 и 50 крводарувања им беа доделени значки и благодарници, вкупно 90. Од нив, четворица за остварени 25 крводарувања и двајца, Гоце Јанковски и Мирче Стојчевски, за 50 крводарувања. Благодарница за посебен придонес беше доделена на Полициската станица на ГП и ГН Деве Баир, за најдобар крводарител е прогласена Вероника Груевска, а најперспективен млад крводарител е Сунчица Христовска.
Денеска се органзираше и прием за крводарителите од Ранковце, од страна на градоначалникот Момчило Алексовски, а ОО на Црвен Крст Крива Паланка додели благодарници и значки за 5 и 10 крводарувања на шест лица и благодарница за несебична поддршка и организација на крводарителски акции за Територијална Противпожарна единица во Ранковце.
Лани ОО Црвен крст Крива Паланка во соработка со Институт за трансфузиона медицина Скопје органзиираше 26 крводарителски акции на кои се собрани 1.029 единици крв. Во 2016 година оваа општинска организација со остварените значајни резултати се најде меѓу 16-те најуспешни општински организации кои добија признанија од националното друштво.