Презентирани тезите на новите амбасадори во Бугарија, Турција и Бразил

Од:

Новоименуваните амбасадори на Република Македонија во Бразил Ивица Боцевски, во Бугарија – Марјан Ѓорчев и во Турција – Звонко Муцунски денеска пред членовите на собраниската Комисија за надворешна ги презентираа тезите за нивното дипломатско делување.

Боцевски истакна дека отворањето на првата македонска амбасада во Бразил, како земја дел од БРИКС која се обидува да се наметне како глобален играч воедно ќе биде и прва воопшто амбасада во Латинска Америка. Неговата работа ќе ја фокусира кон економската промоција на Македонија од аспект на привлекување странски директни инвестиции.

– Тука лесно може да се пронајде интересот затоа што Бразил настојува да го прескокне ѕидот на заедничкиот европски пазар и да ги пласира своите индустриски производи на европскиот континент. Директно не може затоа што европскиот пазар е заштитен во однос на Бразил, рече Боцевски.

Како пионер во дипломатската активниост во Бразил во политичкиот дел посочува дека има значаен интерес кај нашите безбедносни институции за директни врски со бразилските институции, пред се во борбата против организираниот криминал и корупција, како и продлабочување на врските меѓу двете министерства за надворешни работи. Интерес за соработка гледа и во областа на работата на ИТ компаниите, како и во образованието со оглед дека има повеќе универзитети кои влегуваат во групата на стоте најдобри во светот на кои може да студираат и македонски студенти.

Амбасадорот Ѓорчев истакна дека наследеното минато, наследените противречности и сето она што не обременува во односите со Бугарија за него претставува голем мотив во контекст на дипломатијата и дека воспоставувањето дијалог може да ги надмине сите метафизички аспекти, и во однос на она што претставува историски, јазичен или идентитетски проблем. Тој оцени дека Република Македонија има подеми и падови во односите со Бугарија, а комукациите меѓу двете земји, посочи, се променија и одеа по нагорна линија по потпишувањето на декларацијата од 1999 година со успешната формулација со која беше надминат проблемот со јазикот.

– Ова беше се до моментот додека Бугарија не стана членка на ЕУ и на НАТО кога дијаметрално ги промени ставовите кон Македонија и повторно се актуелизира прашањето за македонската нација и јазик, сега низ една многу софистицирана европска норма „добрососедство, пријателски односи, човекови права и ѓраѓански слободи“, вели Ѓорчев.
Тој нагласи дека во односите меѓу двете земји останува чувствително прашањето за етничка припадност и регионалниот идентитет.

– Не мора да имаме унисони стојалишта или решенија. Важно е дека осум работни групи се одржани по прашањето на договорот за пријателство и добрососедство и дека секоја од нив има по еден исчекор. Деветата работна група се одржа вчера во Скопје. Убеден сум дека со нашата ангажирана работа, со она што претставува македонско дипломатско искуство ќе можеме да помогнеме во овој четиригодишен период тој договор да биде потпишан кој што е клучна пречка Република Бугарија да ни даде безрезервна поддршка за членство во ЕУ и НАТО, а тоа ќе значи многу за Македонија, рече Ѓорчев.

Унапредување на традиционално добрите пријателски и партнерски односи со Турција е на агендата на Муцунски, новиот македонски амбасадор во Анкара, кој е дипломат од кариера со над 20-годишно работно искуство вклучувајќи и мисии во САД и Канада. Во делот на билатералните односи, тој нагласи дека ќе продолжи соработката на политичко ниво со посети на високо ниво, како и во регионалните и мултилатералните иницијативи,  а особено во делот на активностите поврзани со стратешките приоритети на земјата – ЕУ и НАТО интеграцијата.
Во делот на економските односи потсети дека Турција е осми наш надворешнотрговски партнер и четврта земја инвеститор при што годишната размена во 2015 се проценува на над 400 милиони долари. Тој најави организиран пристап заедно со тројцата промотори и почесни конзули за зголемување на економската промоција на земјата и на туристичките потенцијали. 
За пратениците од мнозинството немаше проблеми во изборот  на дипломатите.

– РМ одбира профилирани кадри кои што сигурен сум дека и во Софија и во Бразил и во Анкара ќе ја претставуваат земјата на достојно ниво. Боцевски ќе ја има задачата да ги отпочне пионерските македонско-бразилски дипломатски односи, рече претседателот на Комисијата Антонио Милошоски.

Опозицијата, пак, немаше забелешки за изборот на Ѓорчев како долгогодишен  политичар и за Муцунски како дипломат од кариера, но сметаат дека  е нелогично да се отвора дипломатско претставништво во Јужна Америка, а имаа и забелешки за изборот на Боцевски.

– На кој основ е избрана дестинацијата Бразил и Бразилија и на кој основ е донесена одлука дека ние во моментов имаме потреба од дипломатско претставништво во Бразил од причини што јасно е дека голем број од ДКП-та се сооочуваат со финансиски проблеми. Дополнителна ми е дилемата на што се должи изборот на кандидат за амбасадор во Бразил, рече Љубомир Јосифовски од НСДП.

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза