Преку програмата „Форуми во заедницата“ се работеше на зајакнување на капацитетите и подигнување на јавната свест на граѓаните, а се спроведуваа проекти во две третини од општините. Програмата многу добро беше прифатена од општините и од граѓаните.
Ова денеска го истакна министерката за локална самоуправа Ширет Елези на завршната конференција по повод 10 години од програмата „Форуми во заедницата“. Конференцијата е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), во стратешко партнерство со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
– Форумски сесии имаше во 59 општини, во некои и по повеќе пати. Се обидуваа сите граѓани да бидат опфатени во процесот на донесување одлуки. На партиципативен начин, Швајцарската агенција за развој и соработка финансираше многу значајни проекти во локалните заедници, особено инфраструктурни, рече Елези. Нагласи дека била дел од оваа програма, како член од општина Гостивар. Им порача на сите градоначалници, праксата и наученото од овој проект да продолжи и понатаму.
Претседателот на ЗЕЛС Коце Трајановски истакна дека во последните неколку години општините покажале оти и без донаторска финансиска поддршка продолжуваат да ги реализираат Форумите. Според него, тоа го бараат граѓаните и тоа го сакаат и општините.
Тој најави дека ЗЕЛС и понатаму ќе се залага за продолжување на примената на овој начин на демократско учество на граѓаните и ќе ги поддржува локалните власти да продолжат со спроведувањето на форумите.
Амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Техада потенцира дека го затвораат овој проект и го предаваат на ЗЕЛС, кои треба да продолжат со овие активности на соработка.
– Кога се навраќаме на изминатите десет години, на нашата соработка со Министерството, со ЗЕЛС и со останатите партнери согледуваме дека се постигнати добри резултати, рече Техада.
Прашана за истекот на роковите за распишување на локалните избори, таа изрази надеж дека Парламентот ќе ги реши, како што рече, овие прашања во скоро време и ќе имаме избори малку подоцна од предвиденото.
Одговарајќи на новинарско прашање, Елези појасни дека Министерството за локална самоуправа е надлежно за реализирање на Законот за локална самоуправа, каде е наведено дека градоначалниците и советниците се избираат на непосредни избори секоја четврта година.
– Системот на распишување на одржувањето на изборите е децидно одредено со Изборниот законик, кој е во надлежност на Министерството за правда. Ние имаме системски закон, Закон за локална самоуправа кој ги уредува надлежностите на општините, но не и на изборите. Мислам дека се понатаму ќе зависи од политичките партии, акт кој е поврзан со изборот на претседател на Собрание, рече Елези.
Прашана што ќе биде по истекот на мандатите на градоначалниците, Елези рече да не се прејудицира и додаде оти се ќе зависи од одлуките на политичките партии.
Програмата „Форуми во заедницата“ е модел за вклучување на граѓаните во донесувањето одлуки од локалната самоуправа и има за цел да го поддржи процесот на децентрализација во Република Македонија. Граѓаните, на овој начин, имаат можност да го подобрат секојдневниот живот со сопствени идеи, а администрацијата да развие локално управување преку учество, одговорност и доверба.