Претставници од еколошките здруженија од Дримколскиот регион денеска во Струга ги презентираа проектите за зачувување на природните вредности на планината Јабланица и нејзино прогласување за национален парк, со што се затвора и вториот повик за мали грантови на Јабланица.
Настанот е во организација на Македонско еколошко друштво во соработка со Еуронатур од Германија и е дел од програмата за закрепнување на балканскиот рис – компонента „заштита на подрачја“, финансирана од Швајцарската фондација МАВА.
Оваа програма, според Ѓорѓе Иванов од Македонско еколошко друштво, седум години активно се спроведува во Дримколксиот регион, односно општините покриени со планината Јабланица. Првиот повик го оцени како успешен, со надеж дека и овој пат ќе бидат задоволни од ентузијазмот и љубовта што ја вложуваат локалните невладини органзиации. Во проектот, посочи тој, учествуваа и ученици од основното училиште „Браќа Миладиновци“ со тема „За посреќно детство да ја чуваме планината Јабланица“.
-Наша најголема заложба е еколошката едукација и очекуваме резултатите да дојдат малку покасно. Децата се едуцираат од најмала возраст, а истовремено ја подигаат и еколошката свест кај своите родители. Ќе имаме една младина која свесно ќе размислува за вредностите кои не опкружуваат со цел тие вредности да бидат заштитени и за идните генерации, рече Иванов.
Општина Вевчани учетвуваше со проект „Зајакнување на капацитетите на општина Вевчани за организирана, систематска и усогласена заштита на природните вредности на планината Јабланица“, еколошкото друштво „Закамен“ од Струга го претстави проектот „Младите во движење, додека фармацевтот Петар Мојсоски ја презентираше својата тема „Планината Јабланица извор на природни ресурси“.