Извештајот за десетгодишната соработката меѓу Академијата за судии и јавни обвинители и француската Национална академија за правосудство (ЕНМ) во сферата на реформите во правосудството денеска го презентираше францускиот амбасадор во Македонија, Кристиан Тимоние.
Во извештајот што е изготвен од двајца експерти од ЕНМ, кои од 10 до 16 јуни годинава престојуваа во Македонија и правеа проценка на целокупната соработка е истакната позитивната работа што ја спроведува Академијата.
Притоа, како што истакна Тимоние, посочени се прашања на кои треба да се размислува, како што се зголемувањето на финансиските средства, подобрување на репрезентативноста за сите етнички групи во Македонија, но сепак задржувајќи ги критериумите за селекција на кандидатите, како и можноста во обуката да се вклучат судии од веќе постоечките редови во судството. Во изваштајот е нагласено дека обуката треба помалку да биде насочена кон теоретскиот дел, а повеќе кон практичниот дел.
– Треба да се размислува и за степенот на познавање странски јазик како еден од критериумите за влез во Академијата, и тоа познавање повеќе да биде насочено кон пратктичниот дел, рече тој и порача дека покрај англискиот добро би било познавање и на друг јазик, како што е францускиот.
Тимоние посочи дека во извештајот се нотирани и одредени размислувања во однос на содржината на континуираната едукација на судиите, но исто така и за основање генерална инспекција за правосудството.
– Во текот на 10-годишното искуство, покрај потешкотиите со кои се соочувавме се покажа дека Академијата претставува корисна алатка за напредокот на Македонија кон Европската унија и кон сите други интеграции кон кои цели, рече Тимоние.
Академијата, како што рече амбасадорот, за овој период беше критикувана од сите страни.
– Тоа е доказ дека спровела инзвонредна работа затоа што со тоа ме потсети на мојата земја. Тоа значи дека кога судиите си ја спроведуваат својата работа, тогаш сите ги критикуваат. Можеби тоа не е единствениот критериум за успехот, но е еден од критериумите за несависност, истакна францускиот амбасадор.
Според министерот за правда Билен Саљији овој извештај има посебно значење, имајќи го предвид фактот дека Владата на РМ наскоро ќе ја усвои Стратегијата за реформи во правсудниот сектор.
По нејзиното усвојување согласно роковите предвидени во Акцискиот план, како што најави министерот, ќе започне изготвувањето на законите во сферата на правосудството, а еден од нив е и Законот за Академија на судии и јавни обвинители, што е предвидено за април 2018 година.
– Извештајот токму за овој Закон ќе послужи како основа за надминување на лоцираните недостатоци на нашиот систем на обука на судиите и обвинителите и предлози за нивно надминување и за што поквалитетно функционирање на Академијата во наредниот период, рече министерот за правда.
Директорката на Академијата Анета Арнаудовска изрази благодарност до Француската амбасада за поддршката и техничка помош што и ја дава на Академијата.
– Академијата е пофалена во сите прогрес репорти на ЕК, на ГРЕКО, на Мрежата на академии на ЕУ, на сите регионални мрежи чиј што член е, за што зборуваат успешно завршените 70 проекти во измнинатите 12 години, рече Арнаудовска.
Во своето обраќање меѓу другото цитираше дел од последниот извештај на Прибе, во кој се нагласува дека единствената препорака која беше исполнета со претходните препораки од 2015 година е таа за изборот на сите академци, за чиј целосен избор ЕУ и ГРЕКО нагласуваат дека треба да се почитува концептот за избор на судии и обвинители само од редот на завршени академци.
Според неа, неосновани се критиките дека Академијата вади неквалитетни кадри и оти има многу недоследности во работењето. Сите овие критики во еден работен документ како што е Стратегијата за реформи на правосудниот систем треба да бидат работни насоки поткрепени со конкретини предлози за подобрување на работењето на Академијата во сите сегменти, рече Арнаудовска.
Во контекст на тоа, додаде дека сите недостатоци кои Академијата ги детектира се упатени до министерот за правда и Советот за реформи за разгледување и се надева дека ќе бидат добра основа за подобрување на работењето на оваа институција.