Јавна презентација на решенијата за ефикасно управување со отпадот во Македонија ќе се одржи денеска во организација на Машинскиот факултет во Скопје и Институтот за коминикациски студии.
Годишно во земјава се создаваат околу 700.000 тони отпад, односно секој човек создава по околу 350 килограми годишно.
Деведесет проценти од ѓубрето завршува на дивите депонии, за кои се проценува дека ги има околу илјада во целата држава.
Во вкупниот отпад дури 38.000 тони се пластика, а над 40.000 тони се стакло – цврст отпад за кој се потребни векови да се распадне.
Дополнително, индустриските капацитети создаваат токсични отпадни води, кои често не се пренасочени кон пречистителна станица и ја загадуваат почвата и подземните води.
На јавната презентација ќе биде потенцирана важноста на ефикасно управување со отпадот за квалитетот на животот на граѓаните и ќе понуди решенија за несоодветните пракси во Македонија во врска со придобивките од рециклирање пластика и стакло, искористувањето на топлината од согорување на отпадот и третирањето на отпадот од отстранување до спречување на неговото создавање.
Решенијата ќе ги понудат студенти од Машинскиот факултет, кои работеа под менторство на професорот Даме Димитровски.
Јавната презентација се организира како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, финансирана од Британската амбасада во Скопје.