„Ајде најдобро да ги искористиме нашите ресурси и отпадот!“ е темата на Светскиот конгрес на Меѓународната организација за управување со отпад – ИСВА (International Solid Waste Association) што од 7-9 септември ќе се одржи во Антверп, Белгија.
Оваа година по првпат Македонската асоцијација за управување со отпад (МаСВА) како национална членка на ИСВА ќе ја презентира состојбата за управување со отпад во земјава. На форумот во рамките на секцијата за Централна и Југоисточна Европа за македонските состојби ќе говори претседателката на МаСВА, Даниела Нелепа Дамеска на тема „Користење на отпад како инвестициска можност во Македонија“. На конгресот ќе учествуваат и претставници на ИСВА од Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија и Србија.
– Светскиот конгрес ISWA 2015 година, како и секогаш ја гарантира урамнотежената комбинација на меѓународно реномирани говорници и интересен увид во најновите научни и технолошки достигнувања. Централна и Источна Европа (ЦИЕ) е подалеку од Западна Европа во преземање на обврските за справување со проблематиките при управување со отпадот, наведуваат од Македонската асоцијација за управување со отпад.
Инаку, на тема „Користење на отпад како инвестициска можност во Македонија“ од 20-22 октомври оваа година ќе се одржи првата годишна конференција на МаСВА во Скопје, на која се очекува голем интерес од бизнис заедницата.