Предлог-законот за високо образование пред матичната собраниска комисија

Од:

Квалитет на образованието и автономија на универзитетите се две главни цели на Предлог-законот за високото образование кој денеска во прво читање беше разгледуван од матичната собраниска комисија. Се работи за целосно нов текст на закон, поради нефункционалноста и неприменливоста на актуелниот од 2008 година, кој поради слабости и недоречености досега имаше 21 измена и дополнувања, а само од 2015 е променет пет пати.

Подготовката на текстот почна во јуни минатата година кога се формираше работна група во МОН со вклученост на претставници од сите засегнати страни. Оттогаш на јавен увид беа претставени три нацрт-верзии со цел преку сугестии и укажувања текстот да биде подобрен со прифатливите забелешки. Материјата во Предлог-законот е опфатена во 16 глави и 228 членови.

– Имаше еден вид ограничување на автономијата на универзитетите во текот на измените на постојниот Закон, што доведе до негова контрадикторност со членот 46 од Уставот кој изрично гарантира автономија на Универзитетот. Најголем дел од измените во изминатиот период беа правени без консултација и без вклученост на универзитетите, што и доведе до одредени проблеми во спроведување на законите бидејќи решенијата беа креирани во канцеларија, а не во салите за состаноци во факултетите. Затоа одлуката беше да се оди на сосема нов закон, зашто она што е нефункционално е многу тешко да го поправате, рече министерката за обраазование и наука Рената Дескоска претставувајќи го пред членовите на Комисијата Предлог-законот за високо образование.

Рече дека честото менување на критериумите звања создале правна несигурност на високообразовните институции, а можноста за планирање на кадровскиот подмладок се ограничил со укинувањето на асистентските места. Во новиот Предлог се воведува асистент како звање наспроти досегашното асистент докторанд со недефинирано звање, а се воведуваат и критериуми за избор на демонстратори.

Со законот е предвидено почетокот на академската година да се врати на 1 октомври наместо на 15 септември.

Делот што се однесува на студентите и студентските организации е поместен понапред во Предлог-законот со цел, рече Десксока, да се прикаже дека студентите се главна цел на донесување на законот. Постојните студентски факултетски парламенти ќе се трансформираат во универзитетски односно факултетски собранија како тела на универзитетот, а не како здруженија на граѓани како што беа регистрирани според постојниот Закон за високо образование.

– Факултетските собранија се избираат на непосредни избори и во нив ќе членуваат претставници на студентите избрани на слободни, фер и демократски избори и потоа тие ги избираат своите претставници на ниво на универзитети. Студентите најмногу се познаваат во средините каде што учат и затоа непосредните избори се сконцентрирани на факултетите каде што тие ги знаат кандидатите за кои можат да гласаат. Целта е да се направи департизација на студентското организирање и да не се овозможи мобилизатори на студентите да бидат политичките партии, рече министерката Десксока.

Новини што ги донесува Предлог-законот се формирање Агенција за квалитет на високо образование која ќе ги опфати како два раздвоени органа Одборот за акредитација (кој ги одобрува студиските програми) и Одбор за евалуација (кој го контролира квалитетот на одобрените акредитирани програми).

Се намалуваат мандатите на ректорите и деканите – од четири на три години. За деконцентрација на моќта на ректорите се воведува нов модел на нивниот избор – со непосредно гласање на професорите на факултетите и на институтите за предложените кандидати.

За ограничување на моќта на министерот за образование и наука, пак, ќе се формира Национален совет за образоание, наука и истражување, кој ќе преземе надлежности од министерот во сферата на високото образование.

Членовите на Комисијата за образование, наука и спорт кои присуствуваа на седницата очекуваат дека со Предлог-законот ќе се исполнат целите за квалитет во образованието и негова автономност.

Татјна Прентовиќ од СДСМ рече дека со новиот предлог-закон, режиските трошоци за парно, струја, вода и комунална хигиена, ќе ги покрива државата како и пред 2006 година. – Со ова решение на факултетите ќе им се ослободат значајни средства за инвестиции и развој на наставно-образовниот процес, рече Прентовиќ.

Пратеникот и потпретседател на Собранието Весел Мемеди забележа што во новиот закон повторно останува тригодишното образование со 180 кредити. Смета дека сите студиски програми треба да бидат четиригодишни затоа што во огласите за работа се бара високо образование со 240 кредити.

– Тоа е дискриминација на студентите со три години на пазарот на трудот, рече Мемеди. Според него, високото образвание, како што рече, произведува даскали, а не научници.

– Тоа е поради смешниот буџет за наука и истражување, иако Македонија има капацитет на професори и научници, додаде Мемеди.

Независната пратеничка Ивана Туфегџиќ рече дека се остварува потребата за нов закон за кој, рече, студентската борба се водела од пред четири години, но почнала и претходно уште пред формирањето на Студентскиот пленум.

– Се става крај на анархијата и окупацијата на студентското организирање, додаде Туфегџиќ.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште