Предавања „Сефарди: Портрет во неколку потези“ и „Вовед во еврејската света книжевност“ денеска одржа д-р Елизер Папо, директор на Центарот за ладино култура „Моше Давид Гаон“ при Универзитетот „Бен Гурион“ во Бер Шева, Израел.
Во рамки на првото предавање во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, тој се осврна на прашањето за специфичноста на Сефардите во однос на Романиоти и Ашкенази и на ориенталните Евреи.
– Сефардите се делат на неколку подгрупи-Евреи од Балканот кои прогонети од Шпанија во 1492 година, кога стигнале на Балканот ги затекнале византиските Евреи, и Евреи од Средна и Источна Европа кои се нарекуваат Ашкенази, истакна Папо.
Сефардскиот начин на гледање, посочи тој, е многу интересен и сите кои не се запознале со него губат.
– Тоа е една заедница со многу долга традиција на писменост и запишување хроники. Тоа е една група со силно развиена самосвест која е многу опсервативна кога се набљудуваат останатите. Сефардскиот агол на гледање на работите на Балканот е многу интересен, миноритарен од секоја перспектива и обично го исклучуваат од сите можни коментари, рече Папо.
Во второто предавање тој се осврна на Еврејската света литература.
Најави дека наскоро треба да излезат три негови книги во превод од српски на македонски јазик и оти ќе одржи уште едно предавање со цел, како што рече, интелегенцијата во Скопје и во Македонија да се запознае со еврејската традиција која е нераздвоен дел од заедничкиот балкански корпус.
Папо е признат истражувач, преведувач, лингвист и професор во светски рамки, а ова е негово прво гостување во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.
Предавањата се одржаа во рамки на одбележувањето на 70-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот на смртта Треблинка.