Археолошкиот музеј на Македонија и Конзерваторскиот центар-Скопје денеска организираа предавање на тема „Експериментална археологија – реконструкција и производство“.
– Темата на настанот беше размена на искуства за потенцијалот на експерименталната археологија која директно би можела да придонесе во развојот на туризмот. Овој вид археологија значително влијае и на популаризација на археологијата како наука, доловувајќи им ги на туристите „археолошките моменти“ надвор од музеите. Една од главните цели е да се доживее историјата преку искуство и директен контакт со предметите, алатите и материјалите кои се користеле во времето на нивната изработка, соопшти Археолошки музеј.
Настанот го отворија Весела Честоева, директор на Археолошки музеј на Македонија, и Ема Петрова, директор на Конзерваторски центар Скопје.
Археолошки музеј информира и дека изложбата „Накитот од Македонија низ вековите“, која гостуваше во Софија по повод 10 години постоење на Културно-информативниот центар на РМ, е вратена и поставена во музејот.