„Ниту имам, ниту планирам да имам, ниту сакам да имам“, вака Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ одговори на прозивките од бугарскиот министер Красмир Каракачанов кој неговото име го објави во листата на лица со бугарско државјанство. Тој смета дека објавата на Каракачанов е по нарачка на Зоран Заев и СДСМ.
„Ова е најголемата глупост што ја имам прочитано во мојата досегашна политичка кариера. Очигледно на Заев му гори под нозете, со новиот скандал за кинеските вакцини, па нарачува вакви смешни работи. Ова е и доказ дека очигледно СДСМ и Заев се директно поврзани со сите досегашни скандалозни изјави на Каракачанов, бидејќи на слушнавме официјален демант за ниту една негова досегашна изјава“, вели Мицевски.
Дека Каракачанов зборува лаги обвинуваат и од ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштението испратено до јавноста велат дека Каракачанов води антимакедонска политика и има за цел да оцрнува и фабрикува невистини против функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Гледаме дека Владата постојано молчи на неговите провокации, како во случајот со објавата на картата на Санстефанска Бугарија, и редица други навреди и изблици на империјализам својствен за 19 век. ВМРО-ДПМНЕ е единствениот политички фактор кој се спротивставува на ваквата негаторска политика на Каракачанов и оттука е јасна причината поради која тој мора да се служи со лаги. Ако Владата молчи, ВМРО-ДПМНЕ не молчи и тоа многу го боли Каракачанов. Но она кое што е симптоматично е што ваквата објава доаѓа токму во време кога владата на Заев, кој самиот има изјавено дека го смета Каракачанов за пријател, се дави во огромни скандали. Ова покажува дека Зоран Заев освен што е во коалиција со мафијата во Македонија е во блиска коалиција и со сите негаторски и антимакедонски сили. Секогаш кога Заев е загрозен од некој скандал, како што е обидот за коруптивна набавка на вакцини, неспособност да се справи со здравствената и економската криза, падот на рејтингот на СДСМ или кога излегува некоја афера како што е набавката на софтвер од страна на Драги Рашковски, се појавува некој лик како Красимир Каракачанов да му фрли гума за спасување. Но да им порачаме и на Каракачанов и на Заев дека оваа фрлена гума е од самиот старт издишана и не поминува во јавноста. Лагите кои денес Каракачанов ги лиферуваше на својот Фејсбук профил нема да му помогнат на неговиот пријател Зоран Заев. Заев и неговата влада не ги спасува ништо од се поизвесниот крај, ниту спиновите, ниту лагите на Каракачанов“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Александар Николоски, Антонио Милошоски, Петар Богојески, Филип Петровски, Никола Мицевски, Александар Пандов се само дел од имињата кои ги објави бугарскиот министер за одбрана, Красмир Каракачанов, а за кои тврди дека се лица кои се декларирале како Бугари и се со бугарско државјанство, па затоа можат да гласаат и на тамошните избори.