Собранието денеска, на 47 седница, трет ден одржува општа расправа за дополнетиот ребаланс на Буџетот во кој се вметнати и осумте амандмани усвоени на матичната Комисијата за финансирање и буџет. Општата расправа може да трае најмногу пет дена.
Во текот на расправата пратениците од власта нагласија дека ребалансот е развоен и дека со него се зголемуваат средствата за инвестиции и за справување со последиците од пандемијата со Ковид-19, а нивните колеги од опозицијата порачаа дека претставува предизборен поткуп и одраз на неодговорното работење на Владата.
Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање посочи дека со ребалансот на Буџетот нема да има инвестиции и развој и нема да биде наменет за закрепнување на економијата како што вели власта.
За првите шест месеци од годинава, посочи таа, има зголемување на буџетскиот дефицит за 33,2 процени со што достигна 752 милиона евра. Во следните месеци, како што кажа, ќе се задолжиме со нова една милијарда евра за која не се знае за што ќе се троши.
Ја обвини Владата за немање соодветна економска политика поради што странските инвеститори ја заобиколуваат земјава и за непродуктивно трошење на средствата.
Драгица Ѓавочанова од СДСМ, пак, истакна дека 15 милиони евра во ребалансот се неопходни за добивање бесплатен оброк за сите редовни студенти на државните универзитети на чии трансакциски сметки секој месец ќе се слеваат по 2.400 денари за таа намена. За санација и изградба на детските градинки се неопходни 20 милиони евра,…
За Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ министерот за финансии Фатмир Бесими со овој ребаланс и противречи на Народна банка, Светска банка, ММФ и на Европската комисија.
-Веќе петта година тече како животот во Македонија стана се поскап, а граѓаните се посиромашни. Со една просечна плата им недостигаат 100 евра за основни трошоци, рече Стојаноска.
Посочи дека со ребалансот се намалуваат средствата за капитални инвестиции и неговата единствена намена, како што рече, е за изборен поткуп. За првите шест месеци од годинава, додаде, јавниот долг порасна за 276 милиони евра.
Нејзиниот сопартиец Бране Петрушевски потенцира дека ребалансот пред се е изборен, а воопшто не е развоен.
-Ребалансот апсолутно е во насока на предизборен институционален поткуп… Го уништувате и го упропастувате бизнисот и стануваме предмет на потсмев од економски бизнис аспект на соседните држави. Владата воопшто нема антиинфлациски мерки туку, напротив, се труди да ја поттикне инфлацијата преку воведување нови такси за горивата и нови даноци, рече Петрушевски.
Лолита Ристова од СДСМ нагласи дека и ребалансот исто како и претходно Буџетот се движи во насока на справување со последиците од корона кризата преку зголемување на обемот на инвестиции за компаниите, отворање работни места,…
-Се води сметка на расходната страна да бидат ограничени определени непродуктивни трошења, односно тие се сведени на минимум. Имаме план како да се менаџира буџетскиот дефицит и да се овозможи заздравување на економијата, рече Ристова.
Љупчо Пренџов од ГРОМ рече дека ребалансот е лош и води кон „најголем буџет во последните 15 години кој има најмалку капитални расходи“.
-Имате план од 4,1 проценти економски раст и предвидувавте раст на вработените од два отсто, а сега велите дека ќе биде еден отсто, но и тоа е повеќе од се друго што има реализација од нула отсто, рече Пренџов.
Според него, не е нормално претседателот на државата да има буџет од само 1,3 милини евра што е помалку од општина Конче, а во исто време премиерот да има 725 милиони денари само за договорни услуги. Нагласи дека земјава е најлоша по сите параметри во регионот, по вработеност, стапка на економски раст, просечна плата, пад на индустриско производство,..
Скендер Реџепи од Алтернатива посочи дека државата е во лоша состојба поради лошото менаџирање на кадрите од ДУИ.
-Затворени се илјадници бизниси заради не добивање помош за време на пандемијата, особено во угостителството, а во исто време некои компании бележат екстра профити. Играта со ребалансот на Буџетот треба да престане. Не му личи на Собранието толку ниско да паднат граѓаните, рече Реџепи и спомена многу примери на инфраструктурни и еколошки проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
Порача дека ребалансот на Буџетот треба да биде еднаков за сите општини и за сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност.
Во реплика, Диме Велковски од СДСМ му рече дека ребалансот се носи за сите граѓани, „без разлика кои се и што се“. Собраниската расправа за ребалансот на Буџетот ќе продолжи утре во 12 часот.