Пратениците расправаат за Националната стратегија за спречување на корупцијата

Од:

Собранието, во рамките од денешниот дел од работата по дневниот ред на 32-та седница, ја започна расправата за Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025. Расправата ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска посочи дека корупцијата ја поткопува довербата во институциите на системот и ефикасното користење на јавните ресурси и претставува закана за демократијата и остварувањето на човековите права, а нејзините негативни ефекти се огромни.

Петгодишната Национална стратегија што ја изработи ДКСК, како што рече во обраќањето пред пратениците, е прв документ од областа на борбата против корупцијата што се усвојува на највисоко ниво, односно во Собранието и во него се детектирани 12 секторски приоритетни проблеми меѓу кои правосудството, медиумите, вработувањето во јавниот сектор, процесот на јавни набавки, спроведувањето на надлежностите во јавниот сектор…

-Усвојувањето на стратегијата од страна на Собранието ја потврдува сериозноста на проблемот со корупцијата и потребата од вклучување на сите засегнати страни. Успешната антикорупциска политика е дел и од процесот на евроинтеграции, а стратегијата е темел за унапредување на законската рамка и преземање на реформски активности. ДКСК примени широк, инклузивен и транспарентен процес во подготовката и изработката на стратегијата со учество на претставници на државни органи, институции, здруженија, фондации, приватен сектор, медиуми, но и претставници од Делегацијата на Европската Унија, ОБСЕ, РАИ и ИРИ, рече Ивановска и додаде за подготовката, што е направена со средства од УСАИД, ДКСК одвоила околу пет месеци.

Стратегијата, потенцира, е заснована на реални процеси и цели кои треба да резултираат со континуирано намалување на корупцијата, а нејзината имплементација, како што рече, ќе испрати силна порака до македонското општество дека борбата против корупцијата конечно се остварува.

-Затоа овој документ треба да биде високо на агендата на институциите вклучени во неговата имплементација. Во стратегијата се дијагностицирани и селектирани приоритетните проблеми кои генерираат висок ризик од корупција и се идентификувани мерки за нивно надминување, појасни Ивановска.

Гордана Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ во својот говор посочи дека стратегијата е солиден и сеопфатен документ, но, како што рече, ќе создаде само визија доколку не се пристапи кон санкционирање. Контролни и надлежни механизми за спречување на корупцијата во државата има, додаде, но воопшто не се применуваат.

-Шокантно е што во 2021 година немаме единствен регистар на јавните претпријатија. Нашата реалност е пропаднати јавни претпријатија и збогатени членови на управни и надзорни одбори. Државата го окупира и медиумскиот простор, а наместо јакнење на човечките и материјалните ресурси во надлежните тела се шири бројот на советнички места чиј интегритет се крие и не се објавува, рече Силјановска.

Нејзиниот сопартиец Владо Мисајловски порача дека е најважна имплементацијата на стратегијата и истакна дека доколку власта сака тоа да биде успешно треба да се откаже од се што било лошо во изминатиот период.

-Нема тендер што не е наместен. Не треба само да се носат стратегии и планови затоа што се законска обврска, туку тие треба и да се спроведуваат, рече Мисајловски и додаде дека за овие четири години речиси и да нема отворен предмет за, како што истакна, партиските вработувања кои ги спроведува СДСМ.

Павле Трајанов од ДС во реплика побара да се формира Агенција за борба против тешката корупција и во изборот на нејзиниот директор власта да нема никако влијание и таа да ги покрива сите јавни набавки над 5.000 евра.

-Власта по дифолт сама себе не се казнува и затоа треба да има независно тело што ќе ја контролира, рече Трајанов.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочи дека за разлика од 2016 и 2017 година, сега земјава има пад за 21 место на индексот на корупција на Транспаренси интернешнл и е рангирана на 111-то место. Тоа е така зашто, како што посочи, нема ден да нема корупциски скандал и за нив нема никакво правно решение. Затоа, додаде, треба да има зголемување на надлежностите на ДКСК, а не комисијата да не биде надлежна за 90 отсто од корупцијата.

-Надлежноста за борбата против корупцијата и во стратегијата ја зема ДКСК, но не и вицепремиерот Љупчо Николовски кој одлучува, но не е надлежен и не е спомнат во стратегијата, рече Стојановски.

Игор Здравковски од истата партија во својот говор рече дека ја поддржува стратегијата, но смета дека е недоречена во завршниот дел и, како што рече, во државата многу често се донесуваат слични документи кои доаѓаат до некаде и ги детектираат проблемите и немаат завршен удар за нивно елиминирање.

-Во стратегијата нема конкретни мерки што би се презеле зошто вие имате ограничена надлежност. Затоа како законодавци треба да изгласаме измени и да ви овозможиме да изрекувате драконски казни, и порача Здравковски на претседателката на ДКСК.

Пред да ја даде редовната поладневна пауза претседателот на Собранието Талат Џафери на пратениците им порача дека денеска не случајно во 12:45 часот побарал пребројување на присутните пратеници во салата.

-Не случајно побарав да се пребројат пратениците. Во 12:45 пребројавме 49 пратеници во сала за седница свикана во 12:00. Во 14:15 го повлеков списокот за проверка на потписи. Се потпишале 101 пратеник, а во моментов заедно со оние што излегоа во меѓувреме бевме 56 пратеници. Да знаете јавно дека ве бројам и списоците ќе се објават. Членот 29 од Dеловникот не обврзува за присуство, учество и одлучување, а ние осум месеци се расправаме дали имаме или немаме кворум и дека кворумот и припаѓа само на едната страна и не е обврска на другата страна. Објавувате некои договори за деблокада на Собранието, а потоа дополнително објавувате ова ќе повлечеме, ова нема да повлечеме. Или сме деблокирани или не сме деблокирани сакам јавно да ви кажам како претседател зашто цело време слушам дека топката е кај претседателот на Собранието, рече Џафери.

Потоа објави пауза по која, како што рече, ќе претседава потпретседателот на Собранието, а прв говорник ќе биде пратеникот Панчо Минов.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови