Пратениците расправаа за кредитот од Светска банка, ама не го гласаа зашто немаше кворум

Од:

Во Собранието заврши општиот претрес за Предлог-законот за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, по скратена постапка, кој е 8 точка од 20-тата седница и за кој се дебатираше два дена. Гласањето по оваа точка, ќе биде дополнително закажано.

За опозицијата, заемот од 25 милиони евра од Светска бакна е поврзан со претстојните локални избори, со цел да се покаже дека локалната власт нешто работи, а за мнозинството со спроведување на проектот ќе се намали потрошувачката на енергија во јавниот сектор и ќе се воспостават одржливи механизми за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лидија Петковска рече дека власта постојано се задолжува и оти сега заемот се прави пред локалните избори за да се покаже дека нешто се работело. Таа смета дека е невозможно тие 25 милиони евра да бидат транспарентно потрошени.

– Зошто со овој предлог-закон, општините кои работеле уредно и се грижеле за енергетска ефикасност на објектите, се во подредена положба на оние кои не се грижеле, а кои сега ќе добијат пари? До кога во оваа држава способниот ќе го покрива неспособниот и сето тоа на грбот на граѓаните, праша Петковска.

Таа нагласи дека нашата држава е една од ретките држави која сè уште нема формирано Фонд за енергетска ефикасност. Со предлог законот е предвидено негово формирање, за што ќе се одделат пет милиони денари. Но за неговото формирање не постои закон ниту постои постапка за такво нешто, забележа Петковска.

На говорот на Петковска, реплицираше Драгица Ѓавочанова од СДСМ, која рече дека ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година поминало пет закони за заеми по скратена постапка.

– Таа должничка јамка која ја споменувате, тогаш сте ја зголемиле за околу 400 милиони евра. Во 2011 година, која беше изборна, имате седум закони за задолжување. Меѓу нив и заемот за изградба на коридорот на Демир Капија-Смоквица. Но, добро е што е земен кредит и е направен патот. Кредитот кој го земавте за наводнување на јужна долина на реката Вардар, фаза два, и за ова би ви кажала благодарам оти земјоделците од тој крај сигурно ќе бидат благодарни кога ќе биде завршена таа фаза, рече Ѓавочанова, која се заблагодари и за кредитот за фискултурните сали.

– Во таа 2011 изборна година, сте ја задолжиле државата за 222 милиони евра и тоа воопшто не е лошо, ако се има предвид дека тие објекти остануваат иако власта се менува. Да ве прашам, дали и ние треба да помислиме дека вие во 2011 година на овој начин сте ги добиле парламентарните избори?, праша Ѓавочанова.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска истакна дека секој знае што значи енергетска ефикасност и заштеда на финансиски средства. Таа праша зошто предлог законот не бил донесен во 2019 година кога бил склучен договорот и кога јавниот долг не бил 60 отсто од БДП.

– Сега долгот е голем. И ќе го цитирам поранешниот министер за финансии Никола Поповски, кој рече дека „ние не сме во комформа зона за заем“. Втора работа, што сакам да ја спомнам, е тоа што вие бевте големи противници кога претходната Влада се задолжуваше. Многу градоначалници, министри кои тогаш се бунеа, сега се корисници на тие заеми и најголеми релативизатори на моменталниот јавен долг, кој 60 отсто од БДП, рече Ласовска.

Таа потенцира дека тајмингот за задолжување е подреден на локалните избори.

Ласовска меѓу другото забележа дека не е позната методологијата како ќе се делат средствата и како ќе се третираат општините кои не платиле данок на имот.

– Арачиново 0 проценти, Тетово 55 проценти, Липково 51, Врапчиште 46, Желино 42, Гостивар, Центар Жупа, Долнени 34, Студеничани 32 и Маврово Ростуше 27 проценти. За разлика од нив Македонски Брод, Аеродром 95, Кавадарци 95, Илинден 96, Велес 97, Ѓорче Петров 97 и други. Прашањето ми е дали институциите кои се надлежни ќе ги натераат општините да си ги работат надлежностите и дали овие општини ќе бидат изземени од овие финансиски средства, праша Ласовска.

Снежана Калеска Ванчева од СДСМ во реплика до Ласовска рече дека опозицијата е конфузна, оти велела дека намерата е добра и добро е што за таа цел ќе се земе заемот, но цело време вели дека ова не смее да се случи оти не бил добар начинот.

– Велите оти проблемот е тајмингот на земање на заемот пред локалните избори. Но, ние ако почекаме уште малку ќе дојдат и парламентарните избори. Треба да кажете дали треба или не треба да се посветиме на енергетската ефикасност?, праша Калеска Ванчева.

По два дена дебата Собранието го заврши општиот претрес Предлог-законот за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, по скратена постапка, како и расправата по 13-тата точка од 25 седница, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Македонската банка за поддршка на развојот, по скратена постапка. Гласањето ќе биде дополнително договорено.

По еден час пауза, Собранието треба да продолжи со работа по 29-тата седница.

Би можело да ве интересира

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Николоски на средби во СБ – Продолжуваме со спроведување на реформите дефинирани со нашите партнери, 695 милиони долари поддршка од СБ

Наместо замрзнување на цените, да се обезбедат подобро платени работни места препорачува Светска банка

Светска банка: Македонија со најнизок економски раст во регионот

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје