Македонското Собрание денеска ќе го одржи четвртото продолжение на 45-та седница, на кое меѓу другите точки е Предлог-законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, по скратена постапка.
Пратениците ќе дискутираат и по Предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2013 година. На дневниот ред е и Предлог- финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2013 година.
Дополнетиот предлог на закон за туристички развојни зони, на законите за изменување и дополнување на Законот за угостителска дејност, на Изборниот законик, на Законот за финансирање на политичките партии, на Кривичниот законик, на закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како и на закон за странската информативна дејност во Република Македонија, сите во второ читање, се на дневниот ред на оваа собраниска седница.
Ќе се расправа и по Предлог-законот за изменување на Законот за судовите, но и по дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште и на Законот за градење, во второ читање.
На агендата се и дополнетиот предлог на закон за доброволно здравствено осигурување, во второ читање, Предлог-законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, на Законот за исплата на платите во Република Македонија, на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка.