Прашање на време е кога целата коалиција ќе се распадне, очигледно ништо суштински не ги врзува политичките партии во таа коалиција, оцени претседателот на СДСМ Венко Филипче за случувањата во владината коалиција по превирањето од Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари.
Одговарајќи на новинарски прашања по отворање градинка на територија на Општина Центар, Филипче рече дека „тоа што во последно време се случува во владејачката коалиција укажува дека единствена работа којашто ги води партиите во таа коалиција се нивни теснопартиски и финансиски интереси“.
-Така што, таква коалиција којашто не се темели на никакви вредности и нема никаква идеја и визија како да ја води државата напред, а за тоа сведочиме секој ден, осудена е само на една работа, а тоа е неуспех, изјави Филипче.
Во врска со евентуално излегување на Арбен Таравари од Владата и дали СДСМ би соработувал со неговата Алијанса за Албанците, Филипче одговори дека тоа ќе се види од развојот на случувањата.
-Не знаеме како Арбен Таравари ќе се однесува понатаму, дали ќе прави некакви коалиции или не, да почекаме и да видиме. Како ќе се одвиваат работите, тоа не е наша работа. Ние во СДСМ се спремаме за претстојните избори и нашите врати се отворени и канали на комуникација, бараме партнери. Ја потврдивме нашата коалиција од 14 партии, заеднички веќе почнавме да ги креираме листите за сите општини, а во однос на други партнери почнува процесот на разговори, рече лидерот на СДСМ.
Додаде дека неговата партија е „апсолутно спремна за каков и да е изборен циклус во претстојниот период“, доколку има и предвремени парламентарни избори.
Тој не откри конкретни имиња на кандидати за градоначалници затоа што, рече, смета дека „не е фер тоа да го прави додека траат внатрепартиските процедури“.
– Нека завршат, во некои општини навистина брзо се одвиваат и верувам дека многу скоро ќе ги знаеме кандидатите за градоначалници, барем за дел од општините, изјави Филипче.
На прашање дали за изборите СДСМ би коалицирала со ДУИ, одговори дека ќе разговараат со сите политички партии, меѓутоа, рече, „принципите на коалиција значат дека коалициските партнери прво треба да се почитуваат, да се целосно согласни околу програмите кои ќе им ги ветиме на граѓаните“.
-Односно имплементираме научени лекции од претходните коалиции коишто на некој начин го оштетија имиџот на СДСМ, изјави лидерот на СДСМ.
На новинарско прашање дали повторно ќе се кандидира за градоначалник наОпштина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски исто така одговори дека се уште партиските анкети се во процес и кога тие ќе завршат и „внатрепартиските процедури со давање предлози и самокандидирање, самата партија ќе одлучи кои ќе бидат наредни кандидати, не само на Општина Центар туку и на сите општини во државата“.
Филипче беше прашан и за нивната анкета и обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека „ја измислиле“. Одговори дека тоа е нивна „голема теренска анкета“ од којашто, рече, гледаат „пад на популарноста на ВМРО-ДПМНЕ од неколку десетици илјади гласови и почетен тренд на раст на гласовите на СДСМ“.
-Во следниот период ќе ја прикажеме анкетата. Ние излеговме со став дека таа анкета што ВМРО-ДПМНЕ ја цитираше и прикажа во јавноста пред неколку недели практично не ја одразува вистинската ситуација на терен. Тоа го потврди и анкета од еден целосно независен институт. Така што, трендовите се очигледни. Очигледно е дека граѓаните се јасни дека оваа владејачка коалиција дојде на власт со една лажна патриотска кампања, едноставно ја заглави државата, а во Македонија, сепак, живеат луѓе кои се прозападно, пролиберално ориентирани … ја кажаа својата порака на минатите избори, јас со новото раководство ги имплементирам сите научени лекции во нов начин на менаџмент на партијата … така што постепено Македонија ќе се буди, изјави Филипче.