Пиар-секторот на Филипче наместо одговори за хаосот во вакцинирањето, испраќа соопштенија што ќе прават утре

Од:

Наместо одговори на новинарски прашања од „А1он“ за тоа зошто нема ред пред вакциналните пунктови и колку од нив работат во Скопје, Министерството за здравство се пофали дека од утре вакцинација ќе тече во уште четири поликлиники. Дел од текстот на соопштението испратено до сите медиуми по пет минути беше испратен и како одговор на прашањата од „А1он“, иако никогаш не прашавме каде и дали ќе отворат нови вакцинални пунктови туку дали Министерството е неспремно за спроведување на масовната имунизација на која повикуваа со месеци.

„А1он“ за прашањата прво искомуницира телефонски со портпаролката на Министерството, Катерина Гетева, која побара прашањата да бидат испратени писмено, за нејзините колеги да ги одговорат. Три часа требаше за да стигне соопштението и повратната порака на е-пошта без конкретни одговори. Пораката од пиар-секторот на министерот Венко Филипче не содржеше објаснувања, туку пофалби за наредните чекори на Министерството со кои планираат да воведат ред.

За тоа зошто Министерството дозволи во ек на пандемија и голем број заразени да се прави метеж пред пунктовите, оттаму нема никакво објаснување. „Дали Министерството е сепак неспремно пред напливот на граѓани кои бараат да се вакцинираат“, е уште едно прашање кое остана неодговорено. „А1он“ праша и  колку вакцинални пунктови веќе работат во Град Скопје, во кој вакцинален пункт со која вакцина тече вакцинација, како и дали имаат право на избор.

Наместо тоа, Министерството за здравство одговори: „ Веќе од утре се отвораат четири нови пункта во здравствените домови Бит-пазар, Драчево, Ченто, Ѓорче Петров. Со брзо адаптирање на дополнителните пунктови граѓаните ќе бидат во можност да се вакцинираат без застој и чекање во веќе функционалните пунктови во Јане Сандански, Букурешт и Чаир. Во државата вакцинацијата се одвива без закажување и доброволно и со достапните вакцини кои ги имаме во доволен број. Располагаме со 400.000 дози од вкупно сите производители од нив 200.000 за прва доза. За прва доза имаме 80.000 ‘синовак’, 50.000 ‘астразенека’ и 70.000 ‘фајзер’. Секоја недела пристигнуваат по околу 20.000-30.000 ‘фајзер’ и оваа пратка ќе продолжи да пристигнува и во следните недели до крајот на годината. Потрошените вакцини се надополнуваат со нови количини на пунктовите во поликлиниките подеднакво“.

Со ваков чекор од страна на пиар-секторот на министерот Филипче, нема одговор за критиките и хаосот пред пунктот во поликлиниката „Букурешт“, каде што од утрово имаше метеж, а без дистанца и маски стотици граѓани чекаа вакцина. Таму владееше нервоза,  врескање и револт, но каде е пропустот и зошто тоа се дозволи, не откриваат од Министерството за здравство. Ваквата слика пред пунктовите не е само денеска, туку хаосот трае со денови. За слична ситуација, само со помалку турканици „А1он“ објави и на почетокот од јули.

Ваквиот однос на пиар-секторот на Министерството за здравство и министерот Венко Филипче не е за првпат за време на пандемијата. И претходно, неретко се случувало на прашања да се одговарало доцна, одговорот да не биде поврзан со прашањата или, пак, воопшто да не се испрати одговор.

Би можело да ве интересира

Започнува караван за вакцинација против Ковид-19 во повеќе општини низ државата

Ана Ололовска

Бројот на починати од Ковид-19 намален за 33 проценти, кај новозаболените има пад од 27 посто

Предложено укинување на две рестриктивни мерки за спречување на коронавирусот

Кристијан Ландов

Зголемен бројот новозаболени од ковид меѓу децата и тинејџерите

Катерина Ѓуровски

Петличковски: Шестмина вакцинирани со три дози починале во јануари, но анализите покажуваат дека трета доза штити од смрт над 95 отсто

Маја Илиевска-Пачемска

Бремените жени имаат поголема веројатност да се разболат од Ковид-19, Институтот за јавно здравје препорача вакцинирање

Катерина Ѓуровски