Комисиите за односи меѓу заедниците на локално ниво, чие формирање во општините е обврска согласно Законот за локална самоуправа, со цел промоција и остварување на правата на помалубројните заедници застапени со најмалку 20 отсто во вкупното население во општините (согласно последниот попис), се нефункционални и е потребно допрецизирање на законските одредби, пред се членовите 41 и 55, кои ја регулираат нивната работа и начинот на избор на членови.
Ова беше истакнато на денешната јавна дебата организирана од собраниската Комисија за локална самоуправа на тема „Спроведување на Законот за локална самоуправа во однос на работата на комисиите за односи меѓу заедниците на локално ниво (членови 41 и 55)“, на која присуствуваа министерот за локална самоуправа Горан Милевски, од Државниот инспекторат за локална самоуправа, градоначалници, претставници на ЗЕЛС, на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, од НВО секторот.
Министерот Милевски истакна дека според податоците со кои располагаат, а која се однесува за претходниот состав на советите, комисии за односи меѓу заедниците биле формирани во 30 општини, од кои во 20 задолжително согласно законските обврски, а во 10 на доброволна основа. Просечно комисиите броеле по пет члена, одржувале по три состаноци годишно, а била доставена и по една иницијатива до Советот на општините.
-Генералната е оценката дека комисии имаат формирано сите општини каде има припадници на друга етничка заедница застапена над 20 отсто, има формирано и во општини каде нема законска обврска. Но, од досегашнот искуство, комисиите главно се нефункционални. Како причини се наведуваат недоволното законско уредување на прашањето во смисла кој се може да биде избран за член во оваа комисија. Во најголем број на општини членови на комисијата се самите членови на Советите. Тие си имаат сватено дека е ова една од постојаните комиисии како што се комисијата за општествени дејности, за економски прашања и оваа комисија ја третираат протоколарно и во неа членуваат членовите на Советот. Со завршување на мандатот на Советот, практично оваа комисија нема повеќе членови и треба повторно да се промовираат. Замислата или духот на законот беше сосема поинаков, а целта е во овие комисии да членуваат истакнати граѓани, претставници на заедниците, кои нема да бидат избрани поради партиска припадност, туку поради авторитетот и придонесот кој што го имаат во локалната заедница, рече Милевски.
Втор проблем, е додаде Милевски, што во услови на состав на комисијата од надворешни членови, без поддршка од општинската администрација таа нема да може да функционира, а уште помалку да спроведува активности, за што е вели, потребна и буџетска поддршка. Според него, нефункционалноста на комисиите за односи меѓу заедниците се рефлектира и на решавањето, односно нерешавањето на прашањата кои имаат влијание во односите меѓу заедниците и за кои во Советот се одлучува со бадентерово мнозинство, што претставува ризик и може да создаде меѓуетнички проблеми.
-Предлагаме допрецизирање на законот, но и и да има политичка волја за да се донезе, бидејќио станува збор за системски закон, вели Милевски, според кого ова ќе биде работа на наредниот собраниски состав.
Според Џевад Адеми, претседател на Комисијата за локална самоуправа, на јавната расправа, која што е прва организирана по 10 години, нефункционирањето на комисиите за односи меѓу заедниците не се должи само на нефункионалноста на членот 55, туку и заради пристапот на локалната власт.
Извршниот директор на ЗЕЛС Душица Перишиќ, се согласи дека од практичното искуство, прво што е потребно е да се уреди изборот на членови на комисиите за односи меѓу заедниците кои треба да имаат консултативна улога за советите и го спомна искуството на Хрватска.
-Членовите на комисии за односи меѓу заедниицте се бираат истовремено кога се бираат и градоначалници и советници. Членови на оваа комисија треба да бидат непартиски лица, видни во својата средина кои се почитувани во заедницата, а не членови на политичка партија. Оти сега имаме карма – каша. Едни ги бира советот, едни ги бираат на јавен конкурс, едни по сопствено наоѓање, рече Перишиќ.
Илхан Рахман Директорот на АОПЗ, истакна дека се согласуват со потребата од законски измени што ќе придонесе за функционаност на комисиите за односи меѓу заедниците, за решавање на проблемите, за зголемување на дијалогот во општините и координацијата меѓу целото општество.
-Повеќе од нужна е потребата за законски измени. И самите членови на комисиите имаат забелешка околу функционирањето на комисиите, организиравме и обуки за тие членови, но се се сведува околу законот и законските можности. Од друга страна, постојат доста институции, меѓународни и НВО организации кои работат на темата на комисиите, но гледаме тотално немање комуникација меѓу нив. Ние одиме некаде да ги промовираме комисиите, а за кусо време пред или после нас, се организираа слични или паралелни активности, вели Рахман.
Тој очекува по отворањето на ова прашање во законодавниот дом, за брзо време, во транспарентен и инклузивен процес, со преземање компаративни искуства од други земји, да се доуреди законот и да се добијат комисии кои ќе одговараат на потребите на граѓаните.
Измените и дополнувањата на Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во РСМ поминаа на Владина седница пред три недели и е доставен во Собранието.