Веднаш по формирањето на новата влада да се потпише анексот на Колективниот договор, порачаа денеска здравствените работници од протестот пред Министерството за здравство.
Тие побараа од политичкиот партии кои претендираат да дојдат на власт, да седнат со Синдикатот на заедничка маса и се она што го ветуваат во предизборните програми да го договорат на хартија, а потоа и да го реализираат.
Ако не се исполни барањето за потпишување анекс од кое не отстапуваат, здравствените работници најавија помасовни протести.
-Во овој момент целта е да испратиме две пораки. Масовноста на протестот ја покажува неговата сериозност, односно дека она што го испраќаме како порака е многу значајно. Првата порака е да го искажеме нашето незадоволство од потпишувањето на анексот на Колективниот договор за здравствена дејност кој требаше да се примени со оваа мартовска плата, а втората, многу појака и посилна, е до политичките партии кои претендираат да ја освојат власта – да сфатат дека веднаш по формирањето на новата влада треба да се пристапи кон потпишување на овој анекс на Колективниот договор. Нашите две пораки се да го искажеме незадоволството и да дојдеме во ситуација да укажеме дека нема да отстапиме од потпишувањето на анексот на Колективниот договор, истакна претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски.
Според него, здравствените работници бараат политички партии кои претендираат да ја освојат власта, да најдат начин да седнат на преговарачка маса со Синдикатот и се она што го планираат во своите предизборни програми и што го ветуваат на митинзите, да се стави на хартија и да биде реализирано.
-За анексите што не беа потпишани, имаме разработено и коефициенти и математика. На тие анекси што ги дадовме до Влада, кои поминаа на Влада и се даде заклучок, сега бараме и 15 отсто на тие анекси модифицирано поради минималната плата што се покачи во март. Исто така, проблемите со Колективниот договор мора да ги спомнеме, последните три министри, иако инсистиравме, изработката на новиот колективен договор за здравство е 90 отсто направена. Тоа го направи министерот Беким Сали, се формира Работна комисија и имаше мандат една година. Тоа е скоро готова работа и усогласено е и по образование и по професии и со Закон за работни односи и со Закон за здравствена заштита. Значи, еден апел до министерот – да се формира таа комисија што побрзо, да се доврши изработката на колективниот договор, да се стави на маса и да се потпише, рече претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски.
Според Даница Стојкова, медицинска сестра на Клиниката за гинекологија, некогаш имало по четири сестри на еден доктор, а сега е обратно. Мора да се стави акцент и на образованието зашто во здравствени институции влегува несоодветен и неспособен медицински кадар.
-Валоризацијата на медицинските сестри и другиот персонал кој е вработен во медицинските установи малку повеќе да се разработи зашто навистина платите не стигнуваат. Ако на некој не му стигнуваат 4 000 евра за еден месец, за нив колку се 40 илјади денари за цело семејство за еден месец. Мора да се стави акцент и на образованието. Во овие здравствени институции влегува несоодветен, неспособен медицински кадар поминат независно низ некои филтри или ред други работи каде што и тие се вработуваат со решение за стално, а нивната работа ја извршуваат вработените кои се доста повозрасни од нив и тоа не води никаде. Тука треба покрај Министерството за здравство и другите институции да се запраша и образованието како се вади кадар, дали е тој кадар како некогаш способен да настапи во тие здравствени институции затоа што никој дојден како пациент не би сакал да биде прифатен од нестручни луѓе, потенцира Стојкова.
Додека траеше протестот, претставниците од синдикатите беа информирани дека ќе бидат примени на средба кај техничкиот министер за здравство.
На протестот беше и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.
Протестот беше под мотото „Здравството на протест за плата“, а го поддржаа ССМ, Конфедерацијата и гранковите синдикати од двата сојуза и конфедерации.