Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска во Тирана оствари работна средба со својот албански колега, министерот за млади и социјална заштита Бленди Клоси.
Целта на посетата и работната средба, како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, било потпишувањето на Административната спогодба за спроведување на Договорот за социјално осигурување меѓу Република Македонија и Република Албанија.
-Со примената на овој договор кој стапи на сила од 1 јуни 2016 година, се овозможи остварување права од пензиското и инвалидското осигурување, здравственото осигурување и здравствена заштита, болест и мајчинство, итно обезбедување на здравствена заштита, право на ортопедски помагала како и осигурување во случај на повреда на работа и професионална болест. Додека пак со потпишувањето на Административната спогодба за спроведување на Договорот за социјално осигурување се овозможува уредување на постапката на остварувањето на правата уредени со Договорот за социјално осигурување, (начинот на остварувањето на правата за осигурениците и членовите на нивните семејства, потребната документација, начинот на исплата на паричните давања-пензии и надоместоци комуникацијата меѓу надлежните органи и размената на податоците меѓу надлежните органи и институции). Примената на договорот за социјално осигурување меѓу двете земји преку административната спогодба за спроведување на овој договор е насочена кон граѓаните на двете држави договорнички во остварување на нивните права без оглед на тоа во која држава живеат и/или работат, се вели во денешното соопштение од МТСП.
Двајцата министри на работната средба заклучиле дека Република Македонија и Република Албанија се соседни држави и движењето на граѓаните, а особено миграцијата на работната сила е особено изразена. Оттука, се согласиле тие, регулирањето на социјалното осигурување преку овој договор и административната спогодба директно влијае на граѓаните на двете држави во обезбедувањето и гарантирањето на правата.
Истовремено се уредува и осигурување на испратени работници за вршење на работи од една во другата држава договорничка, продолжување на деташмантот или друг меѓународен транспорт.
На средбата министрите Спасов и Клоси дискутирале и по прашањата за сезонските работници и начинот на нивното ангажирање, мерки за поттикнување и вработување на млади лица и други прашања од областа на политиките на вработување.
Изразиле подготвеност за натамошно продлабочување и уредување на соработката преку потпишување меморандум за соработка меѓу Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и Министерството за млади и социјална заштита на Република Албанија.
Денешната работна средба, како што потенцирал Спасов, претставува зајакнување на соработката помеѓу двете соседни земји во областа на социјалното осигурување и социјалната сигурност и основ за натамошна соработка меѓу двете надлежни министерства во областа на трудот и социјалните прашања.
Република Македонија досега како самостојна држава применува Договори за социјално осигурување со 21 држава, а во тек е постапка на ратификација на Договори за социјално осигурување со Унгарија и Република Италија. Исто така, иницирано е склучување на Договор за социјално осигурување со Француската Република, Шпанија, Руската Федерација, Португалија и други држави.