Меморандум за поддршка на практикантската работа на лицата со попреченост потпишаа денеска Министерството за труд и социјална политика, УСАИД, Државниот трудов инспекторат и фондацијата Ивоут, во рамки на проектот Социјална инклузија преку технологија.
Документот го потпишаа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, претставникот на УСАИД Едвард Гонзалес, претставникот на Државниот трудов инспекторат Алајдин Хевзиу и директорот на iVote фондација, Томислав Зографски.
Царовска истакна дека МТСП му дава особено значење на овој процес, односно на воведувањето на професионаланата рехабилитација како можност лицата со попреченост да се вработат или да напредуваат во соодветното вработување, а со тоа да се поттикне и интеграцијата и реинтеграцијата на овие лица во општеството.
– Крајната цел е враќање на лицата со попреченост во профитабилно вработување и вклучување на пазарот на трудот. Сметам дека токму со оваа иницијатива со која се дава можност за практикантство на лицата со попреченост и понатаму можност за нивно вработување ќе се раздвижи и бизнис секторот. Досега на нив се гледа како на лица, на кои им е потребна треба помош, па се вработуваа исклучиво од хуманитарни причини, рече таа.
Царовска посочи дека активните мерки за вработување важат за сите, а со оваа пилот мерка ќе може да се согледа како бизнис компаниите ќе ги прифатат практикантите и колку од нив ќе останат на тие работни места. Доколку се согледа можност за развој, Царовска во 2018 година најави посебна мерка за овие лица.
Зографски рече дека ова е прв ваков вид соработка со официјална институција за размена на поддршка на лицата со попреченост, на кои им се овозможува легално да учествуваат во практиканска работа во компаниите во Македонија.
– Овие лица досега беа во некоја сива зона и за нив практиканството не беше законски решено, додаде извршниот директор на iVote фондацијата, која е имплементатор на проектот.
Во рамки на проектот лицата со попреченост имаат можност да посетуваат 20 курсеви, десет за т.н. меки вештини, како презентациски вештини, основи на финансиско работење, однесување на работа и десет технички вештини, кои се поврзани со ИТ секторот.
Гонзалес истакна дека со меморандумот се креираат повеќе можности за лицата со попреченост, со цел тие да добијат работно искуство и да влезат на пазарот на трудот.
– УСАИД изминатите 25 години во Македонија спроведува социјална инклузија. Во таа смисла важна е соработката меѓу Владата, приватниот сектор и цивилното општество. Кога имаме ниски очекувања од луѓето со попреченост, добиваме ниски резултати. Кога креираме можности и имаме високи очекувања за овие лица, тогаш добиваме подобри резултати, согледуваме дека тие можат да успеат. Лицата со физичка и ментална попреченост можат да бидат рамноправни членови на ова општество, истакна Гонзалес.
Тој додаде дека досега обуката ја минале 127 лица со попреченост.
Социјална инклузија преку технологија е проект имплементиран од iVote Фондација во партнерство со Отворете ги Прозорците и Асоцијација на младинци и студенти со хендикеп. Проектот почна во септември 2016 година, а ќе трае до март 2018. Чини 135 илјади долари.