Република Северна Македонија во НАТО поштенската марка што ја издаде националната Пошта, по повод членството на нашата држава во НАТО во тираж од 6.000 примероци и номинална вредност од 30 денари. Автор на поштенската марка е Лариса Живковска Донев.
Од Пошта на РСМ за МИА изјавија дека со поштенската марка го одбележуваат историскиот момент за државата.
-Ова е успех, кој ни припаѓа на сите подеднакво, и претставува остварување на сонот на сите граѓани. Поштенската марка е многу повеќе од парче хартија, таа е симбол на државата, моќно средство за комуникација, и пред се, сведок на историскиот момент за нас и за идните генерации. Споделувањето на заедничките вредности претставува мотив повеќе за сите нас, порака што ја испраќаме како компанија, која ги одбележува историските моменти во државата, изјави директорот на Пошта на РСМ Ејуп Рустеми.
Тој во име на вработените поштенската марка им ја испратил на претседателот на државата Стево Пендароски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министрите за одбрана и за надворени работи Радмика Шекеринска и Никола Димитров, Генералштабот на Армијата, градоначалникот на Град Скопје, седиштето на НАТО и до амбасадорот на САД во Државата.
Премиерот Оливер Спасовски на својот профил на Фејсбук напиша дека марката ја отсликиува собраната колективната меморија на граѓаните кои се обединија и ја остварија поставената цел уште од првите денови на независноста да бидеме дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз во светот.