Посебен режим за камиони, засилени контроли во сообраќајот, вонредни инспекции кај потенцијалните загадувачи – мерки за намалување на загадувањето

Од:

Донесена е Наредба за воведување мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции при надминување на праг на информирање, соопшти денеска Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Во рамки на оваа Наредба, се воведуваат повеќе мерки кои ќе се применуваат во случаи на надминување на праговите на алармирање дефинирани во Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанци во амбиентинот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели.

Се воведуваат зајакнати контроли на возилата, а МВР ќе спроведе засилени и вонредни контроли на возилата со цел утврдување на техничката исправност на возилата за емисијата на испусните гасови. Ова, како што се наведува, ќе помогне во намалување на загадувањето од сообраќајот.

Меѓу мерките е и посебен сообраќаен режим за тешки товарни возила. Општините и Град Скопје, во соработка со Министерството за внатрешни работи ќе обезбедат посебни сообраќајни режими за тешките товарни возила, насочувајќи ги кон обиколни патишта со цел да се намали сообраќајот во урбаните средини.

– Забрана за дотур на стока и транспорт на градежни машини: Општините и Градот Скопје ќе воведат забрана за дотур на стока и транспорт на градежни машини како што се багери, булдожери и виљушкари во периодот од 7:30 до 18:00 часот. Оваа мерка е со цел да се намали сообраќајниот метеж и емисиите во најфреквентните часови. Министерството за внатрешни работи е задолжено да изврши контрола на спроведувањето на оваа мерка, се вели во соопштението.

Се препорачува намалување на употребата на службени возила. Сите органи на државна управа, агенции, фондови, бироа, заводи, јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, како и единиците на локалната самоуправа, се задолжени да ја намалат употребата на службените возила до 50 отсто. Оваа мерка, како што се наведува, има за цел да го намали службениот сообраќај и емисиите од него.

– Ослободување од работни обврски на ранливи групи: Министерството за економија и труд, во соработка со Министерството за здравство, ги задолжува сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски: бремените жени; лицата постари од 60 години; лицата со малигни заболувања, хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без оглед на возраста, со препорака од матичен лекар, стои во соопштението.

Се препорачува реорганизација на работното време и обезбедување заштитни маски. Сите правни субјекти (работодавци) се задолжени да го реорганизираат работното време за лицата кои работат на отворено. Работните активности треба да се извршуваат во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Дополнително, работодавците се должни да обезбедат заштитни маски тип KN95 или најмалку FFP2 за своите работници.

Меѓу мерките е и намалување на капацитетот на инсталациите со А интегрирана еколошка дозвола. Инсталациите кои поседуваат А- интегрирана еколошка дозвола се задолжени да го намалат капацитетот на производство. Притоа, треба да се внимава со ограничувањата да не се прекине или значително намали технолошкиот процес кој се одвива континуирано, или дејноста која би предизвикала значителна штета за правниот субјект или негативно влијание врз животната средина и јавните услуги. Исклучок од оваа мерка се инсталациите кои произведуваат топлинска и електрична енергија.

Се препорачуваат вонредни контроли на инсталациите со А интегрирана еколошка дозвола. Државниот инспекторат за животна средина ќе започне со вршење на вонредни контроли на инсталациите со А интегрирана еколошка дозвола. Ќе се спроведат контролни мерења на емисиите во воздух со акредитирани методи за да се утврди дали се применуваат пропишаните услови и мерки во дозволите. Се препорачуваат вонредни контроли на правните субјекти со Б интегрирана еколошка дозвола и елаборати. Државниот инспекторат за животна средина и овластените инспектори за животна средина се задолжени да започнат со вршење на вонредни контроли на правните субјекти кои поседуваат Б интегрирана еколошка дозвола и елаборати, со цел да се осигура усогласеноста со еколошките стандарди.

Исто така се препорачуваат и вонредни контроли на градилишта. Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и надлежните општински инспекторати, како што се наведува, ќе започнат со вршење на вонредни контроли на градилишта со цел да се утврди почитувањето на прописите за заштита на животната средина и намалување на емисиите на прашина и други загадувачи.

Министерството за животна средина апелира до сите надлежни институции, органи, правни субјекти и граѓани за целосно почитување и имплементација на наведените мерки.

-Заедничката акција е неопходна за заштита на здравјето на граѓаните и за подобрување на квалитетот на воздухот во нашата земја. Министерството ќе продолжи со активно следење на состојбата со квалитетот на воздухот и ќе ги информира граѓаните за понатамошните мерки и активности. Сите заинтересирани страни се повикани да соработуваат и да придонесат кон успешна реализација на мерките, се вели во соопштението.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Скопје најзагаден град, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух

Кој е најголем добитник од рудниците: Државата, локалните жители или инвеститорите

Предраг Петровиќ

Еко-манипулација: Новите рудници ќе работат под еколошки стандарди и се ќе биде чисто, зелено и еколошки

Предраг Петровиќ

Врховен утврди начелен став дека државата е должна да обезбеди здрава животна средина, непреземањето дејствија е повреда на правата на граѓаните

ИКС: Да зборуваме повеќе за животната средина во време на растечка еколошка криза

Стојковски: Несовесни граѓани во моментот се главните причинители за загадување на воздухот