Откако пред неколку дена беше разрешен, поранешниот реис на ИВЗ Сулејман Реџепи преку соопштение пишува дека дава неотповиклива оставка од фунцијата, коментирајќи дека против него се води нецивилизирана кампања.
„Преку ова мое соопштение ја известувам јавноста дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата Реисул Улема на ИВЗ во РСМ, нагласувајќи при тоа дека за мојата досегашна работа одговарам пред Бога и спремен сум да одговарам пред Законот. На ИВЗ во РСМ за чие што единство сум работел сиот свој работен век и која што ја чувствувам како составен дел на мојот живот, и пожелувам успеси во работата во иднина, додека на исламските верници им пожелувам среќа а мирот, љубовта и милоста Божја да бдеат над нив било каде да се наоѓаат“, пишува Реџепи.
Тој вели дека кампањата што се водела против него била нецивилизирана и се однесувала на неговата личност при што биле нанесени сомнежи на неговата активност и ангажирање на чело на ИВЗ во РСМ.
„Како верски водач и човек, длабоко сум трогнат од оваа навредлива кампања, но во ниту еден момент не го оспорив правото на било кој да го изнесе своето мислење и став, свесен и уверен дека Единствениот и Конечен Судија за делата на секој човек е и ќе биде секогаш единствено Семоќниот Алах“, вели Реџепи во писмото.