Пораките помеѓу Јовановски и Ременски читани во судница: Боки да ми ги врати парите и нема да има проблем

Од:

Комуникација помеѓу обвинетите Бојан Јовановски и Фросина Ременски на апликацијата „Ватсап“, скоро два часа се читаше на денешното рочиште за случајот поврзан со невладината организација Меѓународен сојуз. Двајцата разменувале и комуникации кои претходно ги имале со државни функционери.  Во текот на презентирањето на пораките се споменуваа имињата на Стефан Богоев, Ардијан Амзовски, Љупчо Николовски, Зоран Заев, Александар Кирацовски. Се зборува за меморандуми за соработка, парцели, договори, анекси на договори, враќање на средства, процедури. Првата порака која ја презентираше обвинителката Милица Гаврилова е од 6 јули 2017 година.

Според презентираните пораки, на 12 јули 2017, Бојан Јовановски и пишува на Ременски: „Кога можеш да се видиме, мораме да почнеме со конкретизирање на фирми“. Во друга порака на друг датум и пишува нова порака: „Остави максимален впечаток, те претставив како страв и трепет….“. Обвинителката не објасни што покажуваат овие пораки меѓу двајцата обвинети.

Комуникацијата продолжила и на 14 септември 2017 година кога Бојан Јовановски и праќа порака на Ременски: „Вечер е отворање на главниот штаб на Стефан. Планирај да одиме и да ја видиме целата ситуацијата“. На 8 октомври 2017 година, Јонвановски и испратил „скриншот“ од комуникацијата со Стефан Богоев на Ременски, каде меѓу другото пишува: „Да се слушнеме на кратко“. На 19 октомври 2017 година, Ременски праќала „скриншот“ од парцели и броеви од истите, со објаснување дека трета личност и ги пратила. Јовановски прашува: „Што е ова?“, а Ременски одговара: „Плацевите негови во Злокуќани“.

„Ова е перверзија“, искоментира Јовановски при презентација на пораките, по што беше предупреден од судијката за неговото однесување.

Ременски на 31 октомври му прератила порака на Јовановски од извесна Јулијана, поврзана со планови за блок од 2017 година. Во друга комуникација, Ременски му праќа фотографиран лист на Јовановски, каде рачно е напишано: „Социјалните и детските права во Република Македонија“, „Функционалност од аспект на социјална заштита во руралните средини во Република Македонија“ …“. По ова Ременски му пишала: „Ова се насловите на проектите, може да се разработи цел концепт, сега само ова“, а Јовановски враќа: „Добро, сега се будам, се гледаме во 17 часот.

Тие разменувале и „скриншот“ од разговор помеѓу извесен Кочо и Ременски во која меѓу другото стои: „Ве молам да разговарате со Боки да ми ги врати сите средства кои му ги дадов одеднаш и нема да има никаков проблем“, а по ова следува коментар „Види будале“.

На 7 декември 2017 година, Ременски му испратила „скриншот“ од комуникација, каде стои името на бизнисменот Ардијан Амозвски, а во пораката пишува: „Ќе закасниме 20 минути“. По 10 дена, односно на 17 декември, Бојан Јовановски и праќа „скриншот“ од комнукација со премиерот Зоран Заев на Фросина Ременски.

„….Дали има некаква забелешка, замолувам за средба, важно е да имам прилика за да ги образложам сите детали“, стои во комуникацијата, а на ова се испраќа одговор: „….Во однос на законитоста верувам дека нема. Дополнително ќе ве контактирам за наша средба. За истрагата можете да проверите со МВР“.

Во судницата беа презентирани и пораки од 2018 година. Меѓу нив двајца биле разменувани фотографирани судски пресуди и документи. Тие го споменуваат и Александар Кирацовски, но и Зоран Заев.

„На работна група сум Боки… Зборев со Кирац да ти организираат средба со шефот, конфузен е многу…“, му пишува Ременски на Јовановски, а тој враќа: „Излези и јави ми се“, а Ременски враќа: „Не можам, пиши“. Јовановски пишува: „Ќе оди во 3 кај Арафат, јави се кога ќе можеш не е за пишување“… По неколку пораки Јовановски и пишува порака: „Јас не можам да се помирам затоа што сум во оган и горам…“, а Ременски му враќа: „Треба да се даде максимум, секој во својот домен“.

На 10 мај 2018 година, Ременски му пишала на Јовановски: „Ми ѕвонеше Ардијан на ‘Вибер’, не му кренав“, а Јовановски и враќа: „Јави му се, таму е се ок. Јас се видов, коректно е да се јавиш“, на што Ременски реплицира: „Ќе му се јавам до после“, а Јовановски: „Ок“.  По некое време, Ременски му пишува: „Се чув, ок е“.

На 22 мај 2018 година, според Обвинителството и презентираните пораки, Ременски и Јовановски разговараме за анализа поврзана со новиот закон за домување и финален извештај. На 23 мај, Јовановски и препратил разговор на Ременски од комуникација на која стои името на извесен Слободан Чарли.

Јовановски и праќал и „скриншотови“ од пораки кои ги испраќал до Стефан Богоев, а каде стои: „Добро утро, да се видиме јас ти и Фросина, планирај те молам“.

Ременски пак, на 29 мај 2018 година испратила „скриншотови“ од комуникација помеѓу неа и Љупчо Николовски.

„… Во Влада сум, треба ли итно?“, на што Ременски враќа: „Колку време треба да се изгура земјиште од земјоделско во градежно?“, а Николовски враќа: „… Јас ќе изгурам, кажи што треба“, а потоа Ременски пишува: Ок кога ќе имам конкретно ќе ти кажам“.

Во пораките од 27 јуни 2018 година помеѓу Јовановски и Ременски се споменува и бизнисменот Силјан Мицевски.

„На конференција сум, пиши“, му праќа Ременски на Јовановски, а тој и враќа: „Ќе можеш да дојде во меѓународен во 14 часот ми треба помош со Силјан со анексот“. Ременски враќа: „….Овде сум цел ден на конференцијава , ќе гледам да стигнам..“.

Истиот ден, двајцата разменуваат и други пораки: „Има ли забелешки на анексот?“, пишува Ременски, на што добива одговор: „Да“. Ременски прашува: „Во кој дел?“, а Јовановски и пишува: „Беше многу нерв. сабајле…. нема кој дел“. Ременски му вели: …. треба да го викнеш и Кирац“, а Јовановски враќа: „Ќе дојде и Кирацовски. Ременски враќа: „Му пишав и јас, не ми одговори“.

На 10 јули 2018 година, Ременски му праќа на Јовановски „скриншот“ од комуникацијата со Богоев, во чија содржина стои и: „Ајде утре во 12 да се видиме во школото… за нашиов човек“, а добила одговор: „Фросина имам утре со Финансова, совет, нема да стигнам“, па продолжува со порака: „Ајде пиши кога ќе ти одговара“. На пораката со „скриншотот“, Јовановски вика: „Ок“.

Потоа, Јовановски и праќа „скриншот“ на Ременски од комуникација со Богоев. Во содржината стои: „За да не играме расипан телефон, дали може утре јас и Фросина?“, а Богоев одговара: „…Не можам, имам Совет, со Финансова, не можам да станам и кажам ај јас одам..“. Јовановски пак враќа: Итно ни е, мораме да прецизираме дефинитивна локација или да се откажам од договорот и да пропадне се…“..

На 17 јули 2018 година, Јовановски и испраќа на Ременски „скриншот“ од комуникација помеѓу него и Ардијан Амзовски. Во содржината меѓудругото стои:… Ќе може да се чуеме? Ти самиот збореше дека сакаш да се тргнеш од Фијат и мн. други работи. Ти го оцрнуваше. Јас можам да седнам со тебе и Фијат и кого сакаш. Јас стојам зад договорот, да ме бараш да се видиме“. На ова, Амзовски одговара: „… Испочитувај го договореното, врати ми ги парите и нема да има проблем…“.

Во посебен „скриншот“ од комуникацијата, Јовановски му пишувал на Амзовски: „Многу сум разочаран од односот, доколку мислите дека со оцрнување ќе постигнете нешто се лажете многу.. Ви реков да се договориме за начинот на вашето обештетување“

На 7 ноември 2018 година, Ременски испраќала „скриншот“ до Јовановски од порака која ја добила од личност потпишана како „Лилјана на Бојан“. Во дел од пораката стои: „Фросина земи ја ситуацијата во свои раце, во ова каде влегов јас со мојот проект не е причина твојот авторитет… Јас поради вашата лакомост и неодговорно работење на Јасна и Бојан ми донесоа многу штета.. Вие ја употребивте мојата идеја.. Ти си посредник, тебе ти дадов визит-карта при именувањето на Боки за претседател на Меѓународен сојуз. Барајте чаре на тие што ви ги дале парите да ги вратите.. Барајте чаре да ме исплатите мене.. Оваа порака ќе ја испратам на неколку блиски луѓе, па дури и Кирацовски, за ако ми се случи мене да ја знаат адресата…

Пред крајот на рочиштето беше презентирана и пораката која Јовановски му ја испратил на Заев, а беше дел од доказите во случајот „Рекет“, каде обвинетиот е веќе осуден. Овој пат, таа порака е презентирана како „скриншот“ кој Јовановски го испратил до Ременски.

„Премиере јас сум убеден во она што ви го напишав во претходната порака во име на нашето познавање ве замолувам да ме примите на една средба. Јас никогаш не сум го злоупотребил вашето име….“, му пишува Јовановски на Заев, по што добива одговор: „… Ова е чист рекет, мое е да постапам“

На судењето беа презентирани и дел од разговорите помеѓу Јовановски и Енвер Малиќи остварени преку апликацијата „Ватсап“. На следното рочиште ќе се продлжи со презентација на материјалните докази.

Би можело да ве интересира

Боки 13 ги отфрла наводите за пријавата за загрозување на сигурноста, демнење и лажно пријавување

Катерина Ѓуровски

Апелација ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“, случајот се враќа на повторно судење

Одбраната на Боки 13 бара укинување на пресудата за „Меѓународен сојуз“

Бојан Јовановски: Со оваа здравствена состојба не можам да бидам во затвор

Боки-13: Прво селфи во слобода по четири години затвор

Горан Наумовски

Боки 13 пуштен на слобода: Затворската казна во прекин поради лошата здравствена состојба

Александар Тодески