Поради маглата која и денеска, 21 декември 2025 година, е присутна во скопската котлина, на Меѓународниот Аеродром Скопје има намалена видливост што резултираше, во периодот од 00:00 часот на полноќ до 12 часот напладне, авиокомпаниите да откажат 20 лета и да пренасочат 1 лет.
По 11 часот слетаa авионите од Дортмунд и од Виена, а во моментов се очекува да полета авионот за Хамбург.
Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во преостанатиот дел од денов, како и во текот на утрешниот ден.
Сепак, со оглед на тоа што временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија има свој праг на толеранција на намалена видливост, апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од нивната авиокомпанија.
За патниците и јавноста повторуваме – Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен.
Аеродромот е отворен, без разлика на временските прилики. Нашиот персонал, со нашата аеродромска опрема и аеродромски системи се подготвени да ги услужат и авионите и патниците.
Би сакале да појасниме дека аеродром се затвора само со посебна одлука при што се испраќа авијациска порака НОТАМ до сите чинители во авиосообраќајот, а тоа се прави само во исклучителни ситуации кога некој капацитет на аеродромот поврзан со опслугата на авионите не е во функција, или пак ако станува збор за општа вонредна состојба.
На Меѓународниот Аеродром Скопје сите капацитети му се во функција, оттука ние сме отворени за авиосообраќај.
Во сите случаи со магла, Меѓународниот Аеродром Скопје не се затвора, туку е отворен.
Притоа чекаме Метео-службата на М-НАВ, како институција во чија надлежност се навигациските системи во авиосообраќајот, да нè извести дека има подобрување на временските прилики – и нас како аеродромски оператор и авиокомпаниите, чии пилоти ги носат одлуките дали ќе слетаат или ќе се пренасочат на друг аеродром зависно од моменталната минимална видливост која самата авиокомпанија одлучила дека ја прифаќа.
Уште еднаш апелираме до сите патници, во врска со нивните летови, да ги следат упатствата што им ги испраќа нивната авиокомпанија.
Персоналот на аеродромот работи 24/7, нашиот пулт за информации е подготвен да одговори на сите прашања поврзани со промени во редовниот распоред на летовите, како физички, така и на телефонската линија + 389 2 3148 333, наведуваат од ТАВ Македонија.
