Команиите во Македонија се иновативни, меѓутоа имаат проблем со имплементација на иновативните решенија, оценува директорката на Фондот за иновации и технолошки развој Јасмина Поповска.
Таа во интервју за МИА вели дека токму во овој дел ќе помогнат преку инструментите на Фондот за иновации и технолошки развој на Република Македонија кој за годинава има вкупен буџет од 2,3 милиони евра.
– Сите истражувања покажуваат дека недостигот на финансии е прва пречка зошто нема иновации кај определени претпријатија. Втора пречка е недостиг на соодветни кадри кои би го спровеле тоа. Така што ние се трудиме првата пречка да ја надминеме со поттикнување и охрабрување соработка меѓу научно-истражувачка институција и претпријатија, наведува Поповска.
Потеницира дека има лидери во иновации меѓу поголемите претпријатија кои имаат и свои лаборатории и развиваат иновации бидејќи имаат ресурси, меѓутоа микро, малите и средни претпријатија имаат проблем бидејќи се фокусирани на секојдневни операции и губат голем дел од енергијата, времето и трошоците.
За веќе објавениот повик за еден од инструментите информира дека се уште не се пристигнати апликации, но според праксата очекуваат во последните денови да пристигнат.
– Сега доделуваме 600 илјади евра. Тие се на располагање на апликантите кои треба да аплицираат, да добиеме квалитетни проекти, да ги одобриме и да бидат искористени. Меѓутоа може да се случи доколку имаме помалку проектни апликации или помалку добри проекти за финансирање да не бидат искористени и да останат за искористување во наредниот повик. Доколку има повеќе, ќе ги финансираме оние најдобрите на ранг листата кои ќе бидат оценети, истакна Поповска.