Поповска: Џафери да го стави на усвојување Законот за минерални суровини пред најавените избори

Од:

Пратеничката Лилјана Поповска бара од Талат Џафери да го стави на усвојување Законот за минерални суровини пред најавените избори.

Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ упати писмо до претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, со барање да го стави на усвојување Законот за минерални суровини пред најавените парламентарни избори. Собраниската расправа е целосно завршена и останува само гласањето, кое не се спроведе поради излегување од салата на поединечни пратеници, кои го оневозможија кворумот.

Ова е благороден закон кој ја штити животната средина и здравјето на сите граѓани, независно од партиска, етничка или верска припадност. Со него се забранува употреба на цијаниди и сулфурна киселина при флотација или лужење во нови рудници од отворен коп. Ова не ги засега постоечките рудници. Се бара и депонирана финансиска гаранција од идните концесионери во случај на еколошки катастрофи, како и јасно наведување на постапката во техничко-технолошки елаборат. Се продолжува рокот за одговор од локалната самоуправа и државните институции од 15 на 60, односно 30 дена, заради поголема транспарентност.

Поминаа девет месеци од поднесувањето на Законот од страна на 11 пратеници со различна политичка припадност: Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Мери Лазарова, Кети Смилевска, Диме Велковски и Сашо Атанасов од СДСМ, Горан Милевски од ЛДП, како и независните пратеници – Ивана Туфегџиќ, Ирена Стефоска, Павле Богоевски и Ферид Мухиќ. Помина јавна дебата во Собранието со присуство на сите заинтересирани страни, како и безброј дебати на медиуми и собири, по што се вградија амандмански измени според заклучоците на собраниската комисија за економија. Во целиот овој процес постоеше соработка и недвосмислена поддршка за Законот од СДСМ и коалицијата, како и од над 40 граѓански еколошки организации и иницијативи.

„Значи, останува само конечното изјаснување во Собранието, кое го очекуваат илјадници граѓани ширум Република Македонија, каде што постои опасност од отворање на вакви опасни рудници, кои имаат предизвикано голем број еколошки катастрофи во светот. Сигурна сум дека тоа не го посакува ниеден пратеник,“ пишува Поповска во писмото што е денеска предадено во архивата на Собранието на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште