Попоски: Македонија има искрен однос кон соседите, тоа го очекува и од нив

Од:

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, денеска во рамки на неговата дводневна работа посета на Брисел одржа состанок со комесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе, на кој се разговараше за успехот на земјата во исполнувањето на задачите што се бараат од неа во рамки на извештајот на Европската комисија што треба да биде објавен во април.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Попоски му ги предочил чекорите што ги прави Македонија со цел задржување на позитивниот моментум на реформи во земјата во очекување на позитивен извештај, кој во јуни би обезбедил добивање датум за почеток на пристапните преговори, според заклучоците на последниот Самит на Европскиот совет.

– Со еврокомесарот за проширување разговаравме за повеќе теми, главно поврзани за она што следи по успешно завршениот Пристапен дијалог на високо ниво (ХЛАД). Комисијата ќе продолжи да биде инволвирана во овој процес и јас го запознав Филе со позначајните активности кои ќе ги превземеме во делот на законски и подзаконски акти, а разговаравме и за оној дел кој се однесува на решавање на сите блокади што ни беа наметнати во изминатиот период. Тука, нашиот однос е исклучително отворен и сметам дека она што го имаме постигнато во правец на соработка и иницијативите, кои ги имаме поднесено кон нашите соседи е нешто што треба да им помогнат тие да се извлечат од ситуацијата во која би го декредибилизирале процесот на проширување на ЕУ на Балканот, изјави министерот Попоски по состанокот.

Според македонскиот шеф на дипломатијата, комесарот Филе бил запознаен и со сите иницијативи, кои се превземаат во Македонија и што се се очекува да се оствари во тој правец. Попоски вели дека е значајно оти сите овие активности целат кон воспоставување на европски тип на односи, какви што постојат меѓу кои било земји-членки на Унијата, правец во кој оди и македонското претседавање со Процесот на соработка во Југоисточна Европа. Тоа, додава, е дополнителен адут кој потврдува дека Македонија игра многу конструктивна улога и помага и на други земји да ги подобрат меѓусебните односи и вкупно, како регион да даде една попозитивна слика.

– Значајно е да ја одржуваме оваа комуникација, оти во овој период на сериозни предизвици во рамки на ЕУ, како што е соочувањето со економската и должничката криза, не смее да се дозволи приоритетите во доменот на проширување да бидат потиснати. Сметам дека во април, Комисијата ќе може да даде една солидна оценка за сето она што Македонија го има направено за добрососедството, потенцира министерот за надворешни работи.

Според Попоски, македонската дефиниција за добрососедство е искреност, и тој смета дека таков искрен однос треба да се очекува и од сите оние што сакаат да придонесат кон реализирање на евроатлантските интеграциски процеси. Во тој дел, министерот вели дека постигната е добра динамика на активности во следниот период и дека до крајот на март, почеток на април, земјата ќе има едно добро заокружено досие за целиот реформски напредок, остварување на критериумите со задржување на досега остварените резултати и предлагање мерки за подобрување на целокупната клима во регионот, при што, според него, во овој поглед Македонија дефинитивно има лидерска улога.

На прашањето на дописникот на МИА дали на оваа средба со еврокомесарот се разговарало и за иницијативите кои Филе ги превзема во однос на придвижување на преговорите за решавање на наметнатиот спор со Грција во однос на нашето уставно име, со оглед на тоа што една таква иницијатива неодмана беше одбиена од грчките власти, македонскиот министер за надворешни работи со одговор:

– Мораме да бидеме многу јасни дека прашањето за името има сопствен мандат, кој е во Обединетите нации и тој мандат е неприкосновен и не може да излезе од тие рамки. Она што се однесува до иницијативите превземени од страна на ЕК, тие се за зголемена динамика на комуникацијата и давање на една објективна оценка за тоа кој и колку придонесува, односно непридонесува во тој процес. Какви било идеи за зголемена комуникација се секогаш добредојдени од страна на Република Македонија. Јас го изразувам нашиот став и тој е секогаш позитивен кон дијалог, градење на позитивна клима и разменување на аргументите врз основа на кои се носат одлуки, рече Попоски.

Тој дополни дека таквите иницијативи се нешто што секогаш ќе наиде на поддршка од македонска страна, но со напомена дека мора да биде јасна дистинкцијата оти овој спор се води под капата на ОН.

Еврокомесарот Филе не даде изјава по средбата, ниту неговата канцеларија излезе со соопштение. Според портпаролот Петер Стано, станува збор за редовна комуникација, но со напомена дека целта е подготовката на пролетниот извештај на ЕК.

Пред состанокот со комесарот за проширување, министерот Попоски во Европскиот парламент имаше средба со пратеничката Норика Николај од Алијансата на либералите и демократите за Европа, а по неговиот состанок во Европската комисија, тој се врати во европскиот законодавен дом на билатерални средби со известувачот за Македонија од ЕП, Ричард Ховит, како и со европарламентарците Јорго Шацимаркакис, Евгени Кирилов, Андреј Ковачев и Мартин Кастлер.

– Денешните сребди беа фокусирани во Европарламентот каде комуницираме со претставници од сите политички партии, а во врска со резолуцијата, која треба да се донесе за Република Македонија. Имаме солиден предлог на известувачот Ховит, кој ги адресира оние клучни прашања за изминатата година и за нас најважното прашање, а тоа е поддршката која ЕП ја дава за зачувување на процесот на проширување. Во случајот со Македонија тоа е безусловно и неодложно отпочнување на преговорите за членство, што е клучна придобивка за нашиот регион, потенцира министерот Попоски.

Утрешната агенда на македонскиот шеф на дипломатијата е уште понабиена, со оглед на тоа што во Европскиот парламент е предвидено тој да се сретне со пратениците Роучек, Кукан, Свобода, Јанаку, Тенок, Нејнски, Вигенин, Брок и Подимата. Овие средби на Попоски се со цел обезбедување поддршка во носење на добра декларација од страна на ЕП.

Би можело да ве интересира

МНР ќе упати порака за претпазливост до македонските државјани во Израел, нема нови барања за евакуација

Османи: Никогаш не сме биле поблиску до Трета светска војна

Орце Костов

МНР формираше кризен штаб: Македонските државјани може да заминат од Израел само преку аеродромот во Тел Авив

Орце Костов

МНР апелира да се избегнуваат патувања во Израел и регионот

Македонската амбасадорка итно повикана во бугарското МНР: „Лажни се изјавите на македонските политичари“

Орце Костов

МНР го осуди нападот врз цивилите во Газа: Ова е кршење на меѓународното право

Орце Костов