Големите жештини и малото количество вода се причините за поморот на околу 150 килограми риби од видот костреш во вештачкото езеро кај Прилеп.
– Поради жештините и малото количество вода во езерото има недостиг од кислород, а најчувствителни на ова се рибите од видот костреш. Ова се првичните сознанија откако увид направија инспекторите од Државниот инспекторат по земјоделство, инспекторот по животна средина. Информиран е Институтот за сточарство, а од Агенцијата за заштита на храната зедоа мостри за да ги испитаат и да ги утврдат причините за поморот на рибата костреш во прилепското вештачко езеро, изјави претседателот на Спортско-риболовниот клуб „Мамец“ од Прилеп Борис Ристески.
Резултатите од испитувањата се очекуваат во почетокот на идната недела. Од Спортско-риболовниот клуб „Мамец“ уверуваат дека другите видови риби во езерото во овој момент не се доведени во опасност.
– Во езерото има крап, клен, штука и тие се поотпорни на жештините, но не значи дека ако продолжат високите температури дека нема да ги доведат во опасност. Во езерото, според договорот за концесионерство еднаш годишно порибуваме со крап. Следното порибување е во октомври, објасни Ристески.
Ваков помор на рибата костреш се случил пред осум години поради високите температури.