Половина милион вакцини ни се донирани, а сме купиле 2,1 милион дози, цената останува тајна

Од:

Повеќе од половина милион дози вакцини за заштита од Ковид-19 сме добиле како донација или грант, покажуваат податоците кои „А1он“ ги побара од Министерството за здравство. Од февруари до септември годинава во земјава како донација или грант стигнале вкупно 507.000 дози вакцини. Вакцинацијата кај нас почна со донирани вакцини од Србија, а донации продолжија да стигнуваат паралелно со нарачаните вакцини за кои плаќаше Министерството за здравство.

Најголеми биле донацијата од Армијата на Народна Република Кина, која во мај годинава ни донирала 100.000 дози од вакцината на „Синофарм“, а во јули иста бројка вакцини, 100.000, ни подарила и Грција, но од компанијата „Астразенека“.

Од Министерството за здравство велат дека сите донирани вакцини се искористени, со исклучок на оние кои морало да бидат уништени поради поминат рок.

„Досега повлечени се само 13.000 вакцини поради поминат рок на употреба. Повлечените вакцини се од донацијата што нашата земја ја доби од Република Бугарија“, велат од Министерството за здравство.

Министерот Венко Филипче денес објасни дека овие вакцини, согласно пропишаната процедура, се изгорени.

„Посебно внимание посветуваме на роковите. Агенцијата за лекови тоа го прави во рамки на неделната пракса за проверка на лековите. Вакцините од Бугарија се уништени. Според процедурата, се горат. За уништувањето плативме околу 200 денари“, рече министерот Филипче и најави дека утре во земјава очекува да пристигне донација вакцини од Полска.

Бројката на вакцини што сме ги платиле, пак, изнесува 2.101.530 дози. Најголем дел од нив се веќе искористени, но во пресметката се влезени и оние кои треба да стигнат до крајот на декември.

„До овој момент, Министерството за здравство има купено 595.530 дози од вакцината на ‘Фајзер’, 200.000 дози од вакцината на ‘Синофарм’, 6.000 дози од вакцината ‘Спутник В’ и 500.000 дози од вакцината на ‘Синовак’. До крај на година ‘Фајзер’ треба да испорача 800.000 вакцини, продолжува неделната испорака на вакцини од овој производител“, велат од Министерството за здравство.

Цената и натаму останува тајна оти производителите го побарале тоа во договорите со Министерството за здравство.

Во моментов вакцинирањето се врши со вакцините „Фајзер“ прва втора и трета доза и со „Астразенека“, втора доза.

„Моменталните количини од производителот ‘Фајзер’ се со рок до јануари/февруари 2022 година, вакцините од производителот ‘Астразенека’ се со рок ноември 2021 година, а вакцините од производителот ‘Синовак’ се со рок до 2023 година.Во мометов располагаме со 252.680 дози вакцини од производителот ‘Фајзер’, околу 25.000 од производителот ‘Астразенека’ и 5000 од производителот ‘Синовак’. Дополнително секоја недела во државата пристигнуваат околу 30.000 вакцини од производителот ‘Фајзер’“, изјавија од Министерството за здравство.

Според последните податоци, вакцинирано е 39 отсто од вкупното население во земјава, а денес Комисијата за заразни болести предложи до Владата нови рестриктивни мерки со цел да се зголеми процентот на вакцинираните.

Би можело да ве интересира

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Ана Ололовска

Меџити: Интензивно работиме на долготрајно, ефективно и квалитетно решение за проблемот со „Трикафта“

Ана Ололовска

Лекарска комора побара да му се одземе привремено лиценцата на анестезиологот што снимаше

Орце Костов

Лекарската комора ќе информира за преземените мерки за случајот со докторот од тетовската Болница

Ана Ололовска