Вила Водно каде престојува претседателот Ѓорѓе Иванов и зградата на НИП Нова Македонија ќе лапнат поповина милион евра народни пари за тековно одржување.
Службата за општи и заеднички работи при владата распиша тендер за одржување на хигиена, тековно одржување и хортикултурно уредување на објектите на НИП Нова Македонија и Вила Водно .
Проценетата вредност на услугата која се бара на тендер е 30.000.000 денари без вклучен ДДВ или половина милион евра.
Според објавата на бирото за јавни набавки договорот е со време траење од две години или планинарано е да започне на први јуни годинава а да заврши на први јуни 2017-та година.
Во тендерската документација поставени се приличо високи критериуми за оној кој сака да аплицира и да биде дел од електронската аукција.
Од фирмите се бара како прилог да достават позитивен извештај за биланс на состојба за последните три години.
Да имаат годишен обрт од 15 милиони денари за последната година.
Во јавниот оглас се бара и детален опис на техничката и професионална способност на економскиот оператор.
Па така понудувачите треба да достават листа на услуги изврешени во последните три години.
Минимум по 1 потврда за навремено и квалитетно извршени услуги за одржување на хигиена, за тековно одршжување и хортикултурно одржување на објекти со квадратура од минимум 10.000 м2 по објект.
Еден од условите за да се добие тендерот е фирмата која ќе аплицира да има минимум 100 вработени со доказ од Агенцијата за вработување.
„Минимум 60 лица за одржување на хигиена, 1 лице за организација и координација и 1 лице за контрола на квалитетот на услугите,
Минимум 30 лица за тековно одржување, од кои минимум: 3 електричари, 3 водоинсталатери, 3 столари, 2 управувачи со систем за централно греење, 2 молери, 1 бравар, 3 инжењери со завршен архитектонски или градежен и машински или електро факултет, минимум 2 стручни лица за итни интервенции при заглавување на лифтовите , и друг технички кадар.
минимум 10 лица за хортикултурно уредување од кои едно стручно лице за контрола на квалитетот на услугите, со завршен шумарски или земјоделски факултет, еден дипломиран инжењер од технички факултет и други лица оспособени за извршување на услугата.
Постојана екипа од 6 лица од различни профили за извршување на услугите, 1 лице за организирање и координирање на активностите, 1 лице за контрола на квалитетот на услугите, која ќе биде постојано стационирана во објектот од 8,30 – 16,30 часот во работни денови, а за неработно време да има организирани дежурства за извршување на услугите.
Минимум опрема:
50 правосмукалки,5 водосмукалки, 5 пумпи за исцрпување на вода, 5 инвентарни колички, 50 сетови за џогирање, 30 сетови за бришење на прозорци, 2 машини за чистење и одржување на мермер, комплет основен водоводџиски, столарски, електричарски и др. алат, инструмент за мерење напон, апарат за заварување, брусалици, дупчалки батериски и електрични, циркулари, клупни за нарежување на цевки, сајли за отпушување и друг алат и опрема за извршување на услугата, бор машини, и друг алат и опрема потребен за извршување на услугите и соодветна опрема за одржување на дворни површини, 2 пумпи за исцрпување на вода, 1 машина метачка, 1 возило за чистење на снег и фрлање на сол, 1 мотокултиватор, 4 машини – тревокосачки, рачни коси, моторни пили за сечење дрвја и гранки, тримери, ножици за кроење, пумпа за прскање на дрвјата и растенијата и други алати и опрема за извршување на услугата“, стои во огласот доставен до бирото за јавни набавки.
Во огласот е наведено дека економскиот оператор кој ќе аплицира за половина милион евра вредниот бизнис може да биде поддржан од друг субјект.
Од фирмите ќе се бара и стандард за системи за квалитет- ISO 9001 -2008 и ISO 14001, како и Стандарди за управување со животна средина-ISO 9001 -2008 и ISO 14001.