Во рамки на акциските контроли за поголем ред и безбедност во сообраќајот на поширокото полошко подрачје, вчера во Тетово и Гостивар полицијата за шест часа (од пладне до 18 часот) открила 77 возачи кои возиле со брзина над дозволената.
Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски во тетовската контрола откриени се 46 пречекорувања на дозволената брзина.
– Од овие 29 пречекорувања на брзината биле во населено место, а 17 надвор од него, и за нив биле изготвени 40 мандатни платни налози и шест писмени опомени. Во зависност од големината на пречекорување прекршителите ќе се соочат со глоби од 45 до 400 евра во денарска противвредност. На „пребрзите“ ќе им биде изречена и заштитна мерка, времено одземање на возачката дозвола до една година, вели Јосифоски.
Во гостиварската акција, констатиран бил 31 прекршок, од кои 19 во и 12 надвор од населено место. Меѓу нив, три прекршоци се пречекорување за 50, односно 70 километри на час повеќе од максимално дозволените.
Од СВР Тетово напоменуваат дека контроли за брзината на движење ќе следат и во наредниот период, бидејќи неприлагодената брзина и годинава е причина број еден за најголемиот број сообраќајни несреќи и пред сé за оние со најтешки последици.