Подолго од три месеца штипската Клиничка болница не врши мамографија

Од:

Регионалниот центар за дијагностика на болести на дојката, кој функционира во состав на Клиничката болница – Штип и е единствен од ваков вид во источна Македонијамж, подолго од три месеци работи без апаратот за мамографија.

Пациентите реагираат дека не знаат кому да му се обратат за да добијат информација кога апаратот ќе биде ставен во функција,бидејќи бесплатната телефонската линија 0800 11 555 за закажување термин за преглед на Одделението за радиологија не е во функција, а на телефонскиот број 032/606 999 во клиничката болница, кој треба да ја замени линијата, никој не се јавува.

„Веќе неколку месеци се обидувам да закажам термин за мамографија, но никој не ми се јавува на бројот што ми го кажаа во болницата. На шалтерот ми рекоа дека апаратот не е во функција, но доколку ваквиот преглед ми бил неопходен ми рекоа да одам во болницата во Св. Николе и таму да се прегледам. Не можам да ја разберам оваа работа, како постојано министерот за здравство вели дека превенцијата и раната дијагностика е најважна, а апаратот во единствената клиника во Источна Македонија не е во функција“, изјави револтирана пациентка, која сакаше да остане анонимна.

И покрај тоа што на официјалната Интернет-страница на Клиничкиот центар пишува дека здравствената дејност во сите работни единици се извршува во текот на дваесет и четири часа, нашата екипа наиде на затворена врата на Центарот за дијагностика, каде што беше закачено известување со следнава содржина:

„Поради дефект на апаратот (мамоматот), Центарот за дијагностика на болести на дојката работи од 8 до 10 часот“.

Покрај известувањето, на вратата е закачен рачно напишан лист хартија со кој се упатуваат пациентите кон рендгенот во болницата.

Раководителот на РЕ Радиолошко дијагностичка дејност – прим. д-р Нада Алексова не беше во болницата, па затоа информација за состојбата побаравме од вработените на административниот шалтер во Одделението за радиологија.

„Мамографот од понеделник треба да почне да работи. Во четвртокот беа мајстори и мислам дека го поправија, но не ме фаќајте за збор. Најдобро би било во понеделник да се обратите до докторката Нада, таа ни е надлежна“, нè извести вработеното лице на административниот шалтер во болницата.

За одговор на прашањето кога ќе проработи апаратот за мамографија, штипјани ќе мораат да почекаат до првиот работен ден од следната недела. И покрај тоа што штипската болница доби статус на клиника, според граѓаните и понатаму е во очајна состојба.

М. Р.

Би можело да ве интересира

Таравари признава дека има мито во здравството, повика граѓаните да пријавуваат

Катерина Ѓуровски

Со закани изнудиле 500 евра, запалиле автомобил – притвор за двајца штипјани

Приведени двајца штипјани кои запалиле автомобил и вршеле изнуда

Предраг Петровиќ

Со „југо“ удрил во кафеанска маса, а потоа со нож го ранил познаникот

33-годишен маж од Штип во напуштен објект ја убил својата вонбрачна партнерка

Горан Наумовски

Таравари: До крајот на годината решение ќе земат 1.100 вработени по договор на дело во здравството