По повод 8-ми Септември – Денот на независноста на Република Македонија, во центарот на Торонто пред Собранието на Онтарио, беше високо подигнато македонското знаме.
Со посебно одобрение од високите провинциски власти, а во организација на Генералниот конзулат на Република Македонија во Торонто, во присуство на стотици Македонци и странски гости пријатели на Македонија, оваа година македонското знаме го подигна младата атлетичарка со македонско потекло Мери Јанкова која е родена во малото канадско градче Бери и е член на Атлетската репрезентација на Македонија.
Мери Јанкова неодамна го урна македонскиот атлетски рекорд во трчање на 800 метри за пионерки стар повеќе од две децении и претставува голема надеж на македонската атлетика.
Традиционално по интерпретација на македонската и канадската химна во изведба на црковниот хор при МПЦ „Св.Климент Охридски од Торонто“, соопшти денеска Генералниот конзулат на Република Македонија во Торонто, многубројните посетители беа поздравени од генералниот конзул Драган Ѓурчевски и почесниот гостин на свеченоста Џим Вилсон, пратеник на Прогресивната конзервативна партија во Собранието на Онтарио.
Честитки по повод денот на независноста на Македонија испратија и премиерот на Онтарио Катлин Вин и градоначалникот на Торонто Роб Форд.