Музичката програма на Вевчански карневал 2016 започнува вечерва (вторник, 12 јануари), а ќе се одржува и утре (среда, 13 јануари) со посебно подготвениот дочек на Старата нова година, кој ќе биде одбележан и со голем огномет.
Вечерва, програмата за големата василичарска прослава ќе ја отвори популарниот македонски изведувач „Слаткаристика“, а по неговиот настап на сцената во Вевчани ќе настапи и еден од најпопуларните регионални бендови „С.А.Р.С.“, како и групата „Брас Брадерс“ од Македонија.
За утре (среда, 13 јануари) организаторите најавуваат изненадување на Вевчанскиот каневал со карневалска поворка и василичарите кои своите маски до последен момент ги чуваат во најстрога тајност. Со големото василичарско дефиле Вевчани и секоја негова улица ќе се претворат во најуникатниот и единствен уличен театар без режија. Во вечерните часови, во рамки на музичката програма, сцената во Вевчани е резервирана за ѕвездите на македонската народна музика: Есма Реџепова и Наум Петрески, како и групата „Инфузија“ и „Перо Бели“.