Во кривичниот суд денеска треба да почне судењето за предметот на специјалното јавно обвинителство познат со име „Тврдина-Таргет“, за нелегалното прислушување во Македонија. За овој предмет меѓу обвинетите се ексшефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Судењето ќего води новоназначената судијка Џанета Бегтовиќ.
Минатото рочиште беше одложено бидејќи еден од адвокатите на Мијалков, Миле Петровски, поднел барање за одлагање на судењето поради негово присуство на рочиштето за бизнисменот Сеад Кочан за предметот „Труст“, кое почна половина час пред судењето против Мијалков и Јанкулоска. Адвокатите на обвинетите до судот поднеле и дополнителна листа на докази. Во овој случај меѓу обвинетите е и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на ексдиректорот на УБК, Мијалков.
Според обвинението за „Таргет“, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Следена била и комуникацијата пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или 5.827 телефонски броеви, со кои биле прислушувани над 20 илјади граѓани. СЈО утврдило дека незаконското прислушување продолжило и по објавувањето на аферата со прислушувањето од лидерот на опозицијата Зоран Заев и во текот на 2016 година. Во „Тврдина“ станува збор за уништување на опремата за прислушување вредна 10 милиони евра и на документацијата за набавката на таа опрема.
В. Маглешов