Почнува примената на новиот Закон за извршување

Од:

Од денеска почнува примената на новиот Закон за извршување, кој носи поволности за доверителите, должниците и за извршителите, а пред се за ранливите категории граѓани.

Во Законот се предвидува за неплатени комунални сметки извршителот да не смее да блокира без претходно да го извести граѓанинот дека постои некој долг и да побара од него да предложи начин на кој ќе се сервисира долгот. Исто така, воведувањето на вонсудската наплата е поволен момент кој ќе овозможи пред почетокот на каква било постапка граѓанинот да го сервисира својот долг без поголеми трошоци.

Со вонсудската наплата, како што појаснуваат од Комората на извршители на Република Македонија (КИРМ), ќе се решаваат оние предмети што не го надминуваат утврдениот паричен лимит и тоа за комуналните сметки за струја, парно и вода до 6.000 денари и за телефон, кабелска и одржување на зграда до 2.000 денари. Тоа ќе значи дека доверителот пред да почне каква било постапка за тужење, со покана прво ќе се обрати до должникот, каде што ќе го повика да го плати долгот во рок од 15 дена. Ако долгот се плати во предвидениот рок, должникот нема да има никакви, односно ќе има занемарливи трошоци.

Досега за неплатена сметка од 3.000 денари, сумата која требаше да ја плати должникот некогаш можеше да достигне и до 16.000 денари, од кои за камати и судски такси одеа околу 1.100 денари, за адвокатски и нотарски трошоци од 8.000 до 9.000 денари, а извршителот наплаќа 2.500 денари.

Со новиот Закон тоа ќе се исклучи, но само ако долгот се плати во предвидениот рок. Ова значи за неплатена сметка за вода од 3.000 денари должникот преку извршителот ќе го плати долгот зголемен за занемарливи трошоци и камата што нема да бидат поголеми од 5 до 10 отсто од самиот долг. Но, ако по истекот на рокот не ја плати сумата што ја должи, повторно се оди на постапка на тужење, која неколкукратно ќе ги зголеми трошоците, појаснуваат од КИРМ.

Новина во Законот е и тоа што нема веднаш да се пристапи кон блокирање на сметка. Задолжително ќе биде предупредување пред присилно извршување. Досега граѓаните најмногу реагираа дека не биле предупредени и воопшто не знаеле дека против нив се води некаква постапка. Напротив, кога ќе видеа дека сметката им е блокирана, се информираа каде и за што се тужени. Подоцна за деблокирање на сметката на банката мораа да и платат од 1.000 до 1.500 денари, во зависност од тоа која банка го извршила блокирањето.

Според Комората, најважен момент е електронското поврзување на извршителите со сите институции од каде ќе се добиваат бесплатни податоци со што ќе се намалат трошоците.

Извршителите во Македонија во првите девет месеци од 2016 година примиле 134.740 барања за извршување, реализирале 28,40 отсто или 38.266, а вкупниот износ на наплата од извршување е 75.715.471 евра, што е 2 милиони евра помалку од минатата година.

Би можело да ве интересира

ОЈО Кичево ќе вложи жалба за определената мерка претпазливост за извршителката за Кичево што нападна новинар и полицаец

Комората на извршители го осудува попречувањето на извршувањето спроведено од извршителката Јакимовска од Гостивар

Граѓаните бараат извршителите да ги почитуваат законските измени со кои долговите застаруваат

Глигорова: Извршителите веќе втор месец не постапуваат по новите измени во Законот за облигациони односи

Адвокати, нотари извршители за пет години наплатиле осум милиони евра од ЈП Водовод Скопје, утврди ревизијата

A1on

Нема спас од извршителите: Освен од банка, сега ќе може да им ги земат парите на граѓаните и од штедилница

A1on