Министерството за здравство денеска почнува со спроведување на шестиот „Кајзен“ мониторинг, овојпат на Универзитетската клиника за офталмологија во Скопје. Ресорниот министер Никола Тодоров придружуван од тим стручни соработници од Кабинетот, пет дена ќе врши мониторинг на установата.
Во текот на овој период, информираат од Министерството за здравство, ќе се изврши целосно снимање на работата на клиниката, со особен фокус на спроведувањето на електронскиот систем за закажување Мој термин, со цел да се утврди дали прегледите се спроведуваат во рамки на закажаните термини, односно дали системот доследно се почитува од докторите и од пациентите. Посебен осврт ќе се стави и на функционирањето на системот за плаќање по учинок, односно проверка дали внесените податоци во системот соодветствуваат на реално пружените здравствени услуги.
За време на мониторингот ќе се следи и спроведувањето на мерките и укажувањата во насока на исполнување на стандардите за акредитација на оваа здравствена установа, примената на протоколот за хоспитална култура, особено во делот на меѓусебна комуникација меѓу персоналот во клиниката и пациентите, како и примената на клиничките упатства, клинички патеки и протоколите за медицината базирана на докази.
По извршената анализа на состојбите во сите одделенија, ќе бидат изготвени мерки и заклучоци со конкретни акциски планови за имплементација на нови методи во оваа болница, во зависност од приоритетите и реалните состојби во оваа јавна здравствена установа.
Оваа активност, истакнуваат од Министерството за здравство, се базира на јапонската бизнис филозофија, што во суштина значи „промена на подобро“ и преку реално зближување на работниците и менаџментот во една институција се гради чувство на единство во целите и работењето и се постигнува подобрување на перформансите на институцијата во целина.
Во изминатиот период, работни посети во рамки на „Кајзен менаџмент“ беа реализирани во клиничките болници во Штип, Битола, Тетово, како и во општите болници во Велес и во Струмица.