Почнаа дежурствата на матичните лекари во поликлиниките низ Скопје

Од:

Матичните лекари кои имаат склучено договор со Фондот за здравствено осигурување ќе дежураат во поликлиниките низ Скопје за време на викендите. Дежурните тимови од матични лекари ќе работат во две смени од 07:30 до 19:30 часот.

Според директорот на Фондот за здравствено осигурување Јован Грповски, бенефитот од оваа новина е тоа што за разлика од досега осигурениците ќе можат да користат здравствени услуги во која било поликлиника без разлика во кој дел на Скопје живеат. Од друга страна, матичните лекари кои досега дежураа во своите ординации, сега ќе имаат обврска да дежураат еднаш на два до три месеци со што ќе имаат повеќе слободни денови. Амбулантната терапија ќе биде на трошок на Здравствениот дом Скопје.

–  Основна цел на овие дежурства е да им се пружи здравствена заштита на осигурениците на кои им е потребна неодложна медицинска помош посебно за акутните состојби како што се дехидрација, состојби со висока температура, покачен крвен притисок, главоболка, градни болки, гушење, повреди и слично. Предвидено е дежурните лекари да може да препишуваат рецепти на 12 генерики на лекови кои се на товар на Фондот, истакна Грповски на денешната прес-конференција.

Во следниот период планирано е да се воведе дежурна екипа и во здравствениот дом Идадија каде ќе може здравствена услуга да добијат осигурениците од Центар и дел од Карпош.

– На овој начин воведуваме едно воедначување помеѓу сите матични доктори од една страна и од друга страна имаме еквивалентна достапност до здравствената услуга во саботите за сите осигуреници, нагласи Грповски.

Списокот на дежурни лекари ќе биде објавен и редовно ќе се ажурира на веб страниците на ФЗОМ и на Здружението на приватни лекари. Со ова ќе се институционализира објавувањето на дежурствата на матичните лекари.

Дежурствата почнаа изминатиот викенд кога се прегледани од 80 до 100 пациенти во двете смени. Минатата сабота прегледани се вкупно 554 пациенти на сите пунктови.

Би можело да ве интересира

Министерот Алиу апелира: Граѓаните да пријават евентуални неправилности во врска со кардиолошките интервенции

Министерство за здравство: Две комисии ја проверуваа Стоматолошката комора, одлуката е донесена врз база на факти

Зголемени температури во следните неколку дена – да се почитуваат општите препораки за заштита на здравјето

Медицинско лице фатено како прима поткуп, Министерството за здравство бара истрага и ги повикува граѓаните да пријавуваат вакви случаи

Владата одвои многу пари за модернизација на нашето здравство, вели министерот Азир Алиу

Министерот Кенеди отпушта 10.000 луѓе во здравството