Поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски денеска дојдоа во Кривичниот суд на судење за предметот на СЈО „Траекторија“.
Судот го отфрли предлогот на Груевски СМС пораките да бидат отфрлени како докази, бидејќи начинот на кој СЈО ги има прибавено не може да ја гарантира нивната автентичност. Обвини дека пред да му бидат дадени на СЈО, пораките биле во рацете на СДСМ, која, како што рече, е политичка партија која е негов силен противник.
Тој предложи судот да донесе формално решение со право на жалба како во случајот на Зоран Заев.
Судот го одби како неоснован предлогот на Груевски СМС пораките да бидат отфрлени како докази во постапката, бидејќи тие не можат да се ценат во оваа фаза.
Барањето за аудиоснимките и вештачењата да се користат во постапката поради неможност да се потврди нивната афтентичност се отфрли како неосновано.
Барањата се отфрлени како неосновани, затоа што за нив Судот ќе расправа во друга фаза од процесот.
На почетокот на рочиштето судијата Горан Бошевски ги праша обвинетите дали има промена на податоците. Јанакиески кажа дека во моментов е вработен како раководител во „Пелистерка, Пешевски се води како невработен и прима апанажа, Георгиевски е невработен, а Груевски е пратеник во Собрание на РМ.
Обвинителката од СЈО, Лиле Стефановска рече дека повод за постапката против обвинетите е содржината на аудио материјалите, од што произлегува дека биле повредени процесите за водење на јавни набавки при градење на автопатите. Од нив се гледа, рече Стефановска, дека Јанакиески и Пешевски требало да потпишат незаконски договор со кинеска компанија за градење на автопатите.
-Од содржината на материјалните докази, вештачењата, сведочењата на лица, ќе докажеме дека обвинетиот Груевски мотивиран од „пет на целото“, како што слушнавме во објавените сникми, ја искористил службената положба и влијаел врз Пешевски и Јанакиески да извршат избор на компанијата што ќе ги гради автопатите, но без тендерска постапка.
На судењето присуствува и претставник на амбасадата на САД во Скопје.