Собранието на Република Македонија денеска ја почна седницата за избор на министри и заменици министри согласно договореното на последната лидерска средба во Клубот на пратениците и договорот од Пржино.
Министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика Митко Чавков и Диме Спасов поднесоа оставки на функциите имајќи предвид дека согласно Договорот од 2 јуни/15 јули со овие министерства до изборите во 2016 година треба да раководат претставници на опозицијата.
Премиерот Никола Груевски во предлогот што го достави до Собранието наведува дека оставките на Чавков и Спасов се резултат на Договорот од 2 јуни и Протоколот од 15 јули склучени меѓу најголемите владејачки и опозициски политички партии, и согласно измените на Законот за Влада. За министри се предлагаат Оливер Спасовски за внатрешни работи и Форсина Ташевска Ременски за труд и социјална политика. На испразнетото министерско место во информтичко општество и администрација се предлага Марта Арсовска – Томовска.
Во Предлогот доставен од Владата до Собранието се наведува дека согласно Договорот од 2 јуни и 15 јули и измените на Законот за Влада, за министер за внатрешни работи на предлог на опозицијата се предлага да биде избран Оливер Спасовски, а за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски. Заменици министри исто така од редот на опозицијата ќе бидат Александар Кирацовски во Министерството за информатичко општество и јавна администрација, Љупчо Николовски во Министерството за земјоделство и Кире Наумов во Министерството за финансии.
Исто така согласно Договорот и Протоколот и како што се наведува во предлогот, заради организација на предвремените парламентарни избори во 2016 година, Груевски предлага именување дополнителни заменици министри во МВР, министерствата за труд и социјална политика, за финансии, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за информатичко општество и администрација.
Врз основа на тоа мандатарот и премиер предлага дополнителни заменици министри во МВР и во труд и социјална политика да бидат досегашните министри Митко Чавков и Диме Спасов, додека како предози на опозицијата во финансии ќе биде Кире Наумов, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, а во информатичко општество и администрација Александар Кирацовски.
На заменичкото место во МИОА на местото на Арсовска Томовска се предлага Тимчо Муцунски.
Собранието завчера го изгласа пакетот закони кои исто така произлегуваа од Договорот од 2 јуни/15 јули.